Бугарија ќе се откаже од контроверзната такса за транзит на руски гас низ нејзината територија од 20 лева за мегават/час што е на сила од средината на октомври. Одлуката се носи со цел државата да ги подобри односите со членките на Европската Унија и да се приклучи кон Шенген-зоната, објави „Блумберг“.
Потегот на бугарската влада да наметне давачка за намалување на профитот на руската компанија „Газпром“, предизвика загриженост за високите цени и прекин на снабдувањето низ југоисточна Европа. Унгарските власти тоа го нарекоа непријателски чекор и повикаа на истрага на Европската унија за одлуката.
И Македонија реагираше на дополнителниот трошок. Министерот за економија, Крешник Бектеши, побара дополнителна поддршка од ЕУ со најава дека земјава ќе побара отштета од Бугарија ако не бидат ослободени дополнителни количини закупени од „Гаспром“.
Поранешните бугарски премиери Бојко Борисов и Кирил Петков, лидери на двете најголеми партии во земјата, пред состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од Централна и Источна Европа што ќе се одржи во Словенија, а на кој ќе се разговара и за Шенген и за борбата против нерегуларната миграција, изјавија дека Бугарија планира да ги промени законите и да ги укине даноците.
„Не смееме да ја пропуштиме оваа шанса поради такса. Добрососедските односи секогаш ни биле многу важни“ рече Борисов, пренесоа бугарски медиуми.
Петков, пак, истакна дека за оваа тема ќе се решава само по консултации со сите земји од Унијата.
„Треба да работиме со Европската комисија и да го следиме заедничкиот европски пристап. Оваа такса не треба да биде еднострана, само од бугарска страна“, изјави Петков.
Надоместокот беше воведен на 13 октомври, а премиерот Асен Василев дури ги вклучи и идните приходи од него во предлог-буџетот, но потоа под притисок ги отстрани. Тој тврдеше дека Бугарија има право да воведе таква такса и дека се консултирал со ЕК, Романија, Грција и Турција.
ЕУ деновиве ќе им даде право на своите членки да го запрат увозот на гас од Русија и Белорусија. Ова ќе помогне да се стави крај на зависноста на Европа од руските испораки.
„Гардијан“ објави дека секоја членка ќе може да им забрани на компаниите од двете земји да купуваат капацитет во нивните цевководи и терминали за течен природен гас.
Доколку формално се одобри, предложеното законодавство ќе им овозможи на сопствениците на инфраструктурата за увоз на гас од ЕУ да ги прекинат врските со компаниите кои сè уште увезуваат руски гас без да се соочат со големи финансиски казни за прекршување на договорите. Конечната верзија на нацртот ќе треба да биде формално одобрена од ЕП и земјите-членки пред да стапи на сила.
Новите правила, исто така, ќе помогнат да се отвори патот за ЕУ да го намали последниот преостанат увоз од Русија, која беше најголемиот снабдувач на гас во Европа со децении пред почетокот на војната во Украина во февруари минатата година.
Од избувнувањето на конфликтот, многу земји од ЕУ почнаа да воведуваат мерки за прекин на рускиот гас, а Москва го ограничи снабдувањето преку своите гасоводи со затворање на гасоводот Северен тек 1 на неодредено време.
ЕУ сè уште се потпира на Русија за околу 10% од својот гас, од кој најголемиот дел се увезува преку поморски танкери во форма на течен природен гас. Сепак, некои земји-членки, вклучувајќи ги Австрија и Унгарија, сè уште во голема мера зависат од руските испораки.
„Експертите велат дека кризата со снабдувањето со гас во Европа почнала да се стабилизира по превирањата што следеа по затворањето на руските гасоводи. ЕУ влезе во зима со рекордно високо ниво на складирање на гас и очекува нови извори да се појават на светскиот пазар во следните две години“, пишува „Гардијан“.
Аналитичарите на „ХСБЦ“ прогнозираат дека ако зимските температури се нормални, складирањето на гас во блокот ќе остане над 40% до крајот на зимата, што е многу над долгорочниот просек. Дури и ако Европа се соочи со подпросечни температури, складирањето на гас ќе биде исполнето 30% до крајот на март 2024-та година, што е „соодветно ниво“ според корпорацијата.
(Фото: „Коха“)






