Пожарот што избувна на североистокот на Атика, на околу 30 километри од грчкиот главен град Атина, се уште е активен, а пожарникарите се обидуваа да го локализираат. Огнот зафаќа фронт широк 20 километри.
Грчката полиција апелираше до граѓаните и жителите на локалните населени места да избегнуваат какво било движење кон подрачјата зафатени од пожарите и да се придржуваат до издадените упатства за евакуација.
Пожарот, кој избувна вчера околу 15 часот брзо напредуваше кон езерото Маратон, важен резервоар што ја снабдува Атина со вода.
Весникот „Катимерини“ пишува дека поради пожарот евакуирани се Детската болница и Воената болница во Пантели и два манастири.
Во гаснењето на пожарот се вклучени околу 1.000 пожарникари, професионални и доброволни, како и локални жители, како и околу 35 авиони, информира порталот „То вима“.
(Фото: Архива)







