„Најмалку шест лица загинаа во шумските пожари што опустошија делови на хавајскиот остров Мауи.Пожарите, поттикнати од ветрот, го зафатија градот Лахаина, западен Мауи, што доведе до евакуација на жителите“, изјави градоначалникот Ричард Бисен Џуниор.
„Нашиот главен фокус сега е да спасуваме животи“, тврди Бисен.
Вршителот на должноста гувернер, Силвија Лук, прогласи вонредна состојба и ги повика луѓето да не патуваат на островот.
„Ова место во моментов не е безбедно“, порача таа.
Фотографии направени од воздух на крајбрежното место Лахаина покажуваат уништени домови и деловни објекти, вклучувајќи го и „Фронт Стрит“, каде што туристите вообичаено се собираат да купуваат и да јадат.

Задимени купишта урнатини се натрупани покрај брегот, бродовите во пристаништето беа изгорени, а сив чад лебди над голите костури на јагленисани дрва.
„Ова е ужасно. Летам овде 52 години и никогаш не сум видел вакво нешто. Сите плачевме, и пилоти, и механичари…“, изјави Ричард Олстен, пилот на хеликоптер во туристичка компанија.
Познатиот рокер Мик Флитвуд (Флитвуд Мек), кој многу години живее на Хаваите, во објава на Фејсбук откри дека пожарот го зафатил и уништил и неговиот ресторан.
„Ова е неверојатна загуба. Во свое име и во името на моето семејство, ги споделувам моите искрени мисли и молитви со луѓето од Мауи“.
Како што пишува „Скај њус“, луѓето масовно скокале во океанот за да се спасат од пожарот кој го проголтува островот, а три лица при бегството се здобиле со критични изгореници.
„Претрпевме ужасна катастрофа во форма на шумски пожар кој брзо се прошири како резултат на ветровите со ураганска сила и сушните услови“, рече гувернерот на Хаваите, Џош Грин.
„Мауи и Биг Исланд доживеаја значителни пожари. Голем дел од Лахаина на Мауи е уништен, а стотици локални семејства се раселени“, рече тој.
Снимките објавени во текот на ноќта покажуваат дека пламенот зафатил бројни згради во историскиот центар на градот, кој датира од 18 век и се наоѓа на листата на Националниот регистар на историски места.
Некои згради се целосно претворени во пепел.
Повеќе од 2.100 луѓе ја поминаа ноќта во четири засолништа на островот.
Аеродромот Кахулуи, главниот аеродром во Мауи, пружи засолниште за 2.000 патници чии летови беа откажани или кои неодамна пристигнаа на островот.
Националната метеоролошка служба соопшти дека ураганот „Дора“, кој минувал јужно од ланецот острови, е делумно виновен за налетите со брзина од над 90 км/ч.
Ветерот ја прекина струјата и ги приземји хеликоптерите за гаснење пожари.
Како што посочуваат локалните власти, во моментов „еден пожар е под контрола, вториот е 60 отсто локализиран, а третиот, во близина на хотелот ‘Мауна Ки’, се уште гори“.
(Фото: Ричард Олстен/АФП)







