Со посредство на Катар и Пакистан е постигнат напредок во индиректните преговори меѓу САД и Иран, соопштија посредниците по новата рунда разговори одржана во главниот град на Катар, Доха.
Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари, изјави дека е постигнат „позитивен напредок“ во прашањата поврзани со рамковниот договор што беше постигнат пред две недели за ставање крај на војната во Иран.
Разговорите биле одржани одделно со претставниците на двете страни, а посредниците ги пренесувале ставовите и предлозите меѓу американската и иранската делегација.
Ал-Ансари преку социјалната мрежа „Икс“ соопшти дека двете страни се согласиле разговорите да продолжат и во наредниот период, а нова средба ќе биде закажана што е можно поскоро по завршувањето на погребните церемонии за поранешниот ирански врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој загина во израелски воздушен напад кон крајот на февруари.
Според иранските медиуми, церемониите ќе започнат на 4 јули во Техеран и во светиот град Ком, додека погребот е предвиден за 9 јули во неговиот роден град Машхад, на североистокот на Иран.






