Агенција за разузнавање и безбедност на Словенија приведе двајца странци за кои постои сомневање дека шпионирале за Русија. Зад Бежиград, во Љубљана, изнајмиле мала канцеларија, во која што официјално требало да се занимаваат со недвижнини и антиквитети.
Информацијата ја потврдија од Окружното обвинителство во Љубљана.
Полицијата откри дека руските агенти имале државјанство на една јужноамериканска земји, а во Словенија дејствувале под лажен идентитет.
Изнајмиле мала канцеларија во деловна зграда во Љубљана, каде што биле уапсени. Официјално, тие се занимавале со недвижен имот и антиквитети.
Врз основа на официјалното соопштение, обвинителството покренало предистражна истрага и на почетокот на декември минатата година до истражното одделение на Окружниот суд во Љубљана поднело барање за спроведување истрага против две лица за кривично дело шпионажа.
Акцијата се случила во соработка со странски разузнавачки служби.
Двајцата осомничени се во притвор. Ги сомничат за шпионажа за странска разузнавачка служба и за поседување лажни документи, заради што им се заканува затворска казна до пет години за шпионирање, односно до три години за поседување фалсификувани пасоши.
Според неофицијални информации од Одделот, пренесуваат словенечките медиуми, ова не е единствениот случај кога безбедносната агенција успеала да влезе во трага на активни членови на странски разузнавачки служби, но ова било голем успех поради сложеноста на откривањето, бидејќи шпиони со лажни идентитети и државјанства биле тешко да се најдат и да се поврзат со Русија.
„Словенија поради својата геостратешка положба е интересна за странските агенти“, објаснува за „Дело“ експертот за безбедност Изток Подбрегар.
Тој истакнува дека просторот е атрактивен и за агенти кои живеат и работат во Словенија во склад со законите, но работат на територија на трети земји.
Веста ја пренесе и руската новинска агенција ТАСС, наведувајќи дека им се заканува казна затвор до осум години. Додаваат и дека еден од уапсените има аргентински пасош.







