Полска се уште не донела одлука за увоз на американски течен природен гас, затоа што за таква одлука неговата увозна цена треба да биде конкурентна, рече во интервју за руската РИА Новости полскиот министер за надворешни работи, Витолд Вашчуковски.
„Сеуште не сме одлучиле дали ќе увезуваме гас од САД. Пред неколку месеци дојдоа неколку танкери од Америка, но тоа беше пилот-проект за да се увериме дека увозот од САД е технички можен. Проектот беше успешен, но сега очекуваме услови за иднината на договорот“, рече Вашчуковски.
Тој додаде дека Полска сака да увезува гас од САД, но под услов неговата цена да биде конкурентна на цените од другите снабдувачи, како што се Катар и Русија.
„Моментно гасот од САД е значително поскап, но ако Американците предложат договор којшто ќе биде конкурентен на увозот од Катар или некој друг регион, можеме да го разгледаме“, изјави полскиот шеф на дипломатијата.
Претходно, полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека Полска може да стане енергетски центар преку кој американскиот гас може да се дистрибуира во централна и источна Европа. Според неговите зборови, тоа било тема на разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на јули.
Годишните потреби за гас на Полска се околу 15 милијарди кубни метри, од кои рускиот Газпром доставува 10 милијарди.
Полјаците во 2015 година во работа пуштија ЛНГ терминал во северозападниот дел на земјата, со капацитетот од пет милијарди кубни метри гас годишно.
Во средината на 2016 година Варшава ги објави плановите според кои тој терминал и гасовод кој би ги поврзувал Полска и Норвешка, на Полска до 2022-та ќе и овозможи гасовна независност од „источните извори“.