Припадници на полската Агенција за внатрешна безбедност го уапсија денеска во Шлезија, на југозападот на Полска, лидерот на националистичката патриотска организација „Гордост и модерност“ и уште двајца членови поради неонацистички инциденти, откако во шума го прославија роденденот на Адолф Хитлер, облечени во фашистички униформи, со кренати раце во фашистички поздрав и извикувајќи „Зиг хајл!“.
Истрагата против таа организација на радикални националисти покрената е минатата седмица, откако приватната полска телевизија ТВ Н24 во саботата прикажа тајно снимена репортажа за таа прослава.
Во куќата на еден од уапсените при претресот е најдено оружје, кај другите двајца муниција, а кај сите имало пропаганден неонацистички материјал и фашистички симболи. Запленети им се и компјутери и мобилни телефони, јави денеска агенцијата за полски електронски медиуми ИАР.
По наредба на министерот за правда и генералниот обвинител Збигњев Жобар, обвинителството ги проучува снимките и собраниот материјал за да утврди дали може да ја забрани работата на организацијата „Гордост и модерност“, врз основа на Законот за забрана за пропагирање на тоталитарните идеологии, на фашизмот и комунизмот.
„Следен чекор е да го информираме судот во Гливице кој го регистрираше здружението дека тоа го крши законот. Не се согласуваме во нашиот град некој да пропагира фашизам“, рече денеска во изјава за телевизијата Полсат претставникот на локалната власт Михаил Лорек.
Од „Гордост и модерност“ која, како и низ помали организации, учествува во „патриотските маршеви“ на националистите и на најголемиот на националниот празник 11 ноември, се дистанцираше главната организација на полските радикални националисти „Народно радикалниот блок“, затоа што после емисијата за славењето на роденденот на Хитлер се слушнаа повици да се забрани и таа, како наследничка на истоимената фашистичка организација од предвоена Полска.
„Пропагирање на фашизмот и други тоталитарни идеологии не само што е кршење на полските закони, туку е и газење на сеќавањата на нашите предци и нивната јуначка борба за слобода на Полска, во која нема омраза“, предупреди полскиот премиер Матеуш Моравјецки.