Бројни корисници на „Твитер“ го искористија моментот за да создадат лажни профили на славни личности бидејќи беше воведен нов систем за верификација, откако милијардерот Илон Маск го презеде управувањето со социјалната мрежа.
Претходно, познати личности, политичари, новинари и други јавни лица мораа да обезбедат доказ за идентификација пред да добијат сина верификациска значка за проверка. Според новиот модел, сите корисници кои ќе плаќаат по 8 долари месечно ќе имаат сигурни профили.
Маск тврдеше дека потврдата со плаќање преку апликациите на „Ејпл“ и „Гугл“ е доволна и може да биде успешна без самиот Твитер да го провери идентитетот на корисникот.
Исто така, се закани дека ќе се пресмета со лажните профили, порачувајќи дека треба без предупредување да се „банира“ секој што води профил под име на друго лице, доколку не го означи како пародија.
И покрај тоа, воведувањето на новиот систем донесе голем број лажни профили.
Еден корисник кој се преправаше дека е Леброн Џејмс, на пример, вчера твитна дека кошаркарската ѕвезда планира да го напушти Лос Анџелес Лејкерс, предизвикувајќи мешаница пред профилот @KINGJames, кој само малку се разликува од официјалниот профил на Леброн (@KingJames). Профилот веднаш беше блокиран. Лажни профили создадени се и за познати личности и за компании.
„Во наредните денови ќе додадеме нови сегменти на значката за верификација како припадност на организацијата или потврда на личен документ“, напиша Маск, вчера доцна вечерта на Твитер.







