Европа забележа пад од 14 отсто на бројот на родени бебиња во јануари 2021 година во споредба со новородените деца во истиот месец во претходните години, а тој пад веројатно е поттикнат од стравот од здравствената криза предизвикана од Ковид-19 за време на првиот бран на пандемија, сметаат експертите.
Научниците од Швајцарија објавија дека земјите со најстроги карантини на почетокот на 2020 година и пренатрупаните одделенија за интензивна нега доживеале најголем пад на живородени деца, девет до десет месеци подоцна.
Научниот тим смета дека стравот предизвикан од Ковид-19, како што се наведува во студијата објавена во списанието „Човекова репродукција“ (Human Reproduction), може да доведе до „долгорочни последици за демографијата, посебно во Западна Европа каде населението старее“.
„Се чини дека падот на бројот на родените девет месеци по почетокот на пандемијата е почест во земјите каде здравствените системи беа во проблеми, а болничките капацитети беа недоволни“, рече водечкиот автор на студијата, Лео Помар.
Ова доведе до локдаун и мерки за дистанцирање како обид за да се запре пандемијата.
„Колку беа подолги карантините, толку помалку бремености имаше во тој период, дури и во земјите кои не беа сериозно погодени од пандемијата. Мислиме дека стравот на двојките од здравствената и социјалната криза во времето на првиот бран на Ковид-19 придонесе за намалување на бројот на новороденчиња девет месеци подоцна“, рече тој.
Англија и Велс во јануари 2021 година забележаа пад од 13 отсто на новородени деца, во споредба со јануари 2018 и 2019 година, додека бројот на бебиња родени во Шкотска падна за 14 отсто.
Литванија и Романија забележаа најголем пад, дури 28, односно 23 отсто.
Шведска, која немаше карантин, но имаше висок број на смртни случаи, не доживеа пад на новородените деца, открија истражувачите.
Тимот откри дека времетраењето на карантинот е клучен фактор поврзан со падот на бројот на бебиња во јануари 2021 година во споредба со јануари 2019 и јануари 2018 година.
„Поврзаноста што ја пронајдовме со времетраењето на карантинот може да одразува многу покомплексен феномен, бидејќи карантините се владини одлуки што се користат како последно средство за да се спречи пандемијата. Траењето на локдаунот има директно влијание врз паровите“, рече Помар.
Кристијан Де Гејтер, професор на Универзитетот во Базел во Швајцарија, кој не бил вклучен во студијата, рече дека „овие набљудувања се важни затоа што покажуваат дека човековото репродуктивно однесување, што го докажува бројот на родени деца, се менува за време на драматични настани, епидемии и глобални кризи“.
(Фото: Илустрација)







