Жена од Скопје, родена во 1970 година, е првиот потврден случај со коронавирус во земјава.
Пациентката, која одреден период престојувала во Италија, а допатувала преку граничниот премин Табановце превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица, моментно е на интензивна нега во Одделот за изолација на Инфективната клиника.
Свесна е, ориентирана и дише нормално.
Како што соопштија попладнево министерот за здравство Венко Филипче, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и премиерот Оливер Спасовски нема простор, ниту причина за паника.
Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки според меѓународните протоколи. Филипче, Сапсовски и Караџовски апелираа граѓаните да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и да се однесуваат одговорно.
Да не се шири дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.
Воедно повикаа, компаниите и институциите да не им дозволат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот.
Во однос на заштитните маски, министерот Филипче нагласи дека тие претставуваат само дополнителен ризик за здравите луѓе и дека е најдобро да ги носат болните.
Целта на маските е да се спречи пренесување на која било зараза.
Тој потсети и дека коронавирусот се шири, пред се, респираторно, преку кивање и кашлање, но и преку нечисти раце.
„Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација и соодветно се третира нејзината состојба. Епидемилошките анализи укажаа дека еден месец била во Италија во посета на роднини. Веќе две недели е болна и иницијално се тестирала во здравствената установа во Италија. Непосредно по влегувањето во земјава, директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт не претставувала опасност за пренесување на болеста“, рече Филипче.
Министерот најави дека сите што биле во комбето со пациентката ќе бидат соодветно тестирани, а анализи ќе се спроведат и кај членовите
на нејзиното семејство кое ја превезло од Табановце до Инфективната
клиника.
Cите, исто така, ќе бидат ставени во 14-дневна изолација. Деталите за нивната состојба ќе бидат соопштени на следната пресконференција во Владата, закажана за 20 часот.
Упатувајќи смирувачки тонови, д-р Караџовски рече дека едно позитивно лице не претставува ризик за населението.
Тој објасни и дека пациентката со коронавирусот била внесена на Инфективната клиника од посебен влез, а и движењето во Клиниката било низ посебни ходници.
Всушност, биле спроведени соодветните процедури и постапки.
„Граѓаните може да бидат мирни, зашто ништо не не изненади. Медицинските служби се 24/7 подготвени да дејствуваат и за само половина час можат да направат екипа“, напомена Караџовски.
И според премиерот Спасовски, ситуацијата е под контрола.
Пациентката со корона вирусот е третирана согласно сите препораки.
„Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, посебно на социјалните мрежи. Да не не поведуваат емоциите наместо разумот и да не оставаме простор за панични реакции пред она што е реално“, истакна Спасовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој напомена дека јавни собири и други случувања на отворен простор засега не се забранети, ниту има причина за тоа.
Одлуки во однос на овие и слични прашања ќе се носат на дневна основа, зависно од текот на случувањата.
Обезбедени се, информира премиерот, и соодветни објекти, како и простории за дополнителна изолација, ако за тоа евентуално се јави потреба.
Претходно, денеска министерот Филипче рече дека случај со коронавирус засега од регионов има во Хрватска, а денеска беше потврден и првиот случај во Грција.
Во Албанија корона вирус, како што рече Филипче, се уште нема, а од Косово се чекаат информации.







