Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевск,и и извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, денеска потпишаа меморандум за соработка.
Меморандумот за соработка е заложба помеѓу Министерството за
информатичко општество и администрација (МИОА) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) да се овозможи суштинско и
структурно учество на граѓанското општество во клучните секторски реформи како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.
Преку проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, ФООМ ќе спроведува активности за зголемена видливост на секторските работни групи и активно ќе ја поддржува нивната работа преку обезбедување суштинско и структурно учество на граѓанското општество, имајќи ги предвид специфичните потреби на секоја секторска работна група.
„МИОА во рамки на воспоставената соработка и партнерство, а во функција на структурниот дијалог ќе споделува и разменува суштински и релевантни информации важни за граѓанското општество за учество во
секторските политики и националните консултативни процеси, ќе овозможи присуство на претставници од МИОА на работилници и конференции, ќе овозможи присуство на претставници и истражувачи, дел од граѓанското општество на секторските работни групи кои ќе изготват независен годишен извештај за работењето на секторската работна група“, се наведува во соопштението на Министерството.
Фондацијата Отворено општество – Македонија потпиша меморандуми за соработка и со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за образование и наука, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика, додека во процес на потпишување се и меморандуми со останатите линиски министерства кои се одговорни за работата на секторските работни групи.
Проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, имплементиран од ФООМ во партнерство со Евротинк – Центар за Европски стратегии, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција, додека соработник е и Секретаријатот за европски прашања.






