Илјадници луѓе се собраа во центарот на Атина за да му оддадат почит на поранешниот премиер на Грција, Константин Мицотакис, кој почина на 29 мај, на 98 годишна возраст.
Погребот ќе се одржи на Крит, а насобраниот народ поминуваше покрај неговиот ковчег во атинската катедрала, меѓу кои и некогашниот крал, 76- годишниот Константин.
Мицотакис е роден на 18 октомври 1918 година, речиси 60 години играше активна улога на грчката политичка сцена. Тој од политиката официјално се повлече во 2004 година, кога истече неговиот последен мандат како пратеник.
Од 1984 до 1993 година Константин Мицотакис беше лидер на грчката конзервативна партија Нова Демократија, а од 1990 до 1993 година и премиер на Грција. Претходно, во неколку конзервативни влади тој ги извршуваше функциите министер за финансии и за надворешни работи.
Неговиот син Киријакос Мицотакис е актуелен лидер на Нова Демократија, а неговата ќерка Дора Бакојани е поранешен министер за надворешни работи и за култура и некогашен градоначалник на Атина.







