По преброени 95,5 отсто од гласачките ливчиња на референдумот во Турција, 51,62 отсто избирачи гласале „да“ на денешниот референдум во Турција, јавија турските медиуми.
Против се 48,38 отсто од гласачите.
Во Истанбул, 51,05 отсто од гласачите не сакаат уставни измени. Во главниот град Анкара „не“ гласале 50,56 отсто од избирачите.
Излезноста на изборите била околу 86 отсто.
Турскиот вицепремиер Вејси Кајнак изјави дека „таборот да“ не добил толку многу гласови на денешниот референдум колку што очекувале. Во изјава дадена во Истанбул, каде мнозинство се противници на уставните измени, тој рече дека сепак на национално ниво води опцијата за промени на Уставот.
Заменикот претседавач на главната опозициска партија републиканската народна партија, Ердал Аксунгер изјави дека имало многу неправилности „како помош за владата“ на денешниот референдум на кој се одлучуваше дали турскиот претседател ќе добие проширени овластувања.
Изборната комисија на својот сајт неколку часа пред затворањето на избирачките места соопшти дека ќе прифати и ливчиња без официјални печати освен ако може да се докаже дека се фалсификат.







