Нема ниту еден починат ковид-пациент во последните 24 часа, првпат по 10 месеци, а регистрирани се и само осум новозаразени од 3.068 тестирања, соопшти Министерството за здравство.
„Првпат по 2 септември 2020, денеска не бележиме ниту еден починат од Ковид-19. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме“, апелира министерот за здравство Венко Филипче.
Од новозаразените, тројца се од Скопје, двајца од Тетово и по еден од Велес, Кичево и Охрид.
Регистрирани се девет оздравени пациенти од: Скопје – 3, Куманово, Тетово, Велес, Гостивар, Свети Николе и Ресен – по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 834.099 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5.471, а бројот на активни случаи изнесува 437.
(Фото: МИА)