Авион на компанијата „Емирати“ со 228 патници и 18 членови на екипажот, кој синоќа полета од атинскиот аеродром кон Њујорк, мораше да се врати во Атина придружуван од два борбени авиони Ф-16 поради „сомнително лице“.
„По информации добиени од странски власти дека во авионот има сомнително лице, грчката полиција нареди авионот да се врати на атинскиот меѓународен аеродром ‘Елефтериос Венизелос’, на проверка“, изјави портпаролката на грчката полиција.
Патничкиот авион, придружуван од два борбени авиони Ф-16, се врати 45 минути по полетувањето.
Слета синоќа околу 22.00 часот по локално време (20:00 часот по средноевропско време).
Полициски извор истакнал дека американските власти ја предупредиле грчката полиција дека во авионот има „сомнително лице“.
„После полициската проверка на сите патници и на авионот, лицето за кое се однесувала информацијата не е тоа, ниту пак има други сомнителни елементи“, се наведува во соопштението на грчката полиција.
Авионот денеска треба да полета за Њујорк, изјави извор од аеродромот.
Непосредно пред враќањето на овој авион, синоќа беше прегледан уште еден авион на компанијата „Емирати“ на лет за Дубаи пред полетување од атинскиот аеродром.
Авионот на крај полетал од Атина со пет часа задоцнување.
(Фото: АП)







