Шведскиот производител на автомобили „Волво“ забележа значителен пад на добивката во вториот квартал од оваа година, но и покрај високата инфлација и раст на каматите, компанијата предвидува двоцифрен раст на продажбата за целата година.
Помеѓу април и јуни, „Волво“ оствари 3,5 милијарди шведски круни (305 милиони евра) чиста заработка.
Во истиот период минатата година, нето добивката на фирмата што во мнозинска сопственост на кинескиот производител на автомобили „Гели“ (Geely) беше значително поголема и изнесуваше девет милијарди круни (784 милиони евра).
Падот на добивката компанијата го оправдува со високиот раст во 2022 година како резултат на сврстувањето на акциите на единицата за производство на електрични автомобили „Полестар“ на берзата.
„Волво“ во вториот квартал од оваа година продаде 178.800 автомобили, што е за четвртина повеќе од претходната година.
Истовремено, приходите пораснале за 43 отсто, на 102,2 милијарди круни (8,9 милијарди евра).
„Иако растечките каматни стапки на некои од нашите најголеми пазари вршат притисок врз потрошувачите и целокупниот пазар, побарувачката за нашите автомобили останува здрава“, рече извршниот директор Џим Роуан во соопштението за јавност.
„Претпоставувајќи дека нема да има дополнителни неочекувани нарушувања во ланците за снабдување, очекуваме солиден двоцифрен раст на малопродажбата во текот на целата година“, додаде тој.
Целосно електричните модели моментално сочинуваат 16 отсто од вкупната продажба, што е повеќе отколку отколку пред една година.
До 2030 година „Волво“ планира да продава само електрични возила.
Во последниве месеци, „Волво“ се соочи со силен притисок на маржите за електричните автомобили. Литиумот што е вграден во нив беше набавен на крајот на 2022 година, кога цените на оваа суровина беа многу високи. Во тековната втора половина од 2023 година, компанијата очекува дека ќе може да ги искористи пониските трошоци за набавка. Во исто време, понудата и побарувачката се нормализираат.
(Фото: Ројтерс)







