Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е 13-тиот премиер, а владата формирана од Коалицијата „Твоја Македонија“, Коалицијата „Вреди“ и Движење ЗНАМ – За наша Македонија, е 20-тата влада од осамостојувањето на државата до сега.
Новата Влада брои 24 члена. Покрај премиерот, има 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив е „прв вицепремиер“.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Од 120 пратеници за новата влада гласаа 77, а 22 гласаа „против“. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.
Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана е Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцуски, за финансии – Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт е Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација е Стефан Андоновски, а министер за локална самоуправа е Златко Перински.
Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.
Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт – Борко Ристовски.
Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство е Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади е Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши.
Досега најмногу мандати како премиер имал Никола Груевски, кој од 2006 до почетокот на 2016 четири пати составуваше влада по изборите во 2006, 2008, 2011 и 2014 година. Зад него е поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој беше премиер од 1992 до 1994, па потоа од 1994 до 1998 и од 2002 до 2004 година.
По воведувањето на политичкиот плурализам, прв македонски премиер беше Никола Кљусев, откога беше избран од Собранието на 20 март 1991 година. Во септември 1992, откако СДСМ извојува победа на парламентарните избори, на чело на Владата застана Бранко Црвенковски. Тој е и најмлад мандатар, тогаш имаше 29 години. Црвенковски ја водеше владата до крајот на ноември 1998 година.
Трет премиер беше Љубчо Георгиевски, после победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 1998.
Црвенковски по втор пат станува премиер по изборите во 2002 година. Со владата раководи околу две години по што, после смртта на Борис Трајковски, се кандидира за претседател на државата и победува на изборите.
На премиерското столче на 2 јуни 2004 година, седна Хари Костов. Костов на премиерската функција беше неполни шест месеци. На 15 ноември истата година си поднесе оставка и си замина од оваа позиција. На негово место СДСМ го делегираше Владо Бучковски.
На 26 ноември 2004 му беше доверен мандатот на Бучковски да формира нова Влада. Премиер беше од 12 декември 2004 година до 26 август 2006 година.
По изборната победа во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта во државата и на чело на Владата застанува Никола Груевски. Овој македонски политичар остана најдолго на премиерската функција, 9 години и 145 дена.
На 1 јуни 2017 година, тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, го започна првиот премиерски мандат, кој траеше две години и седум месеци, сѐ до предвремените парламентарни избори. Во вториот мандат, Заев е премиер една година и четири месеци, сѐ до моментот додека не поднесе оставка по поразот на СДСМ, после локалните избори во 2021 година.
Димитар Ковачевски кој го презеде челното место во СДСМ од Заев, ја предводеше Владата од 16 јануари 2022 година до 28 јануари 2024 година, односно 2 години и 10 дена.
И технички премиери седеа на „Илинденска“. Последен ваков случај е Талат Џафери. Тој од местото претседател на Собранието застана на чело на техничката Влада на 28 февруари годинава.
Пред Џафери, оваа функција беше извршувана и од Оливер Спасовски. Тој беше на чело на техничката влада од 3 јануари 2020 година и ја предводеше 241 ден.
Пред Спасовски, оваа функција ја извршуваше и Емил Димитриев, кој управуваше со техничката влада од 18 јануари 2016 година, по оставката на премиерот Никола Груевски. Димитриев како технички премиер ја предводеше Владата вкупно една година и 134 дена, односно до 1 јуни 2017 година.
Во оваа група технички или преодни премиери влегува и единствената жена Радмила Шекеринска, која во два наврата беше на чело на таканаречена преодна влада, како вршител на должноста. Првиот мандат на вршител на должност на преодна влада го започна на 12 мај 2004 и остана на функцијата до 2 јуни истата година. Вториот мандат ѝ беше од 18 ноември 2004 до 17 декември 2004 година.
(Извор/Фото: МИА)







