На последната седница на Советот во овој состав, советничката група од СДСМ успеа да си скрои Управни одбори во градската библиотека и во гимназијата по сопствен терк.
Мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, по 8 години неприкосновена локална власт, падна откако една советничка незадоволна од политиките на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, гласаше заедно со коалицијата на СДСМ, пренесе денес локалната ТВ Стар.
„Се покажа дека нивните предлози досега не биле квалитетни, и нивни членови гласаа за нашите предлози со што сметаме дека ќе се подобри работата на овие две институции“, изјави Горан Трајковски, советник од СДСМ.
Последната седница во овој состав, делчевските советници ја одржаа со 13 неисплатени паушали за кои Општината им должи 140 илјади денари по советник или вкупно над 2 милиони денари.
„За мене поголем проблем се што градоначалникот го минимизираше советот и не доаѓаше на седници за да одговара на прашањата на советниците“, рече Трајковски.
„Од каде му е толкава храброст или политичка некултура на градоначланикот да се однесува дрско и безробразн кон советот и од 52 седници само на неколку присуствувал. Во поновата историја на Делчево не е забележано некој толку да не ја почитува инститцијата совет, истакна Фиданчо Младеновски, советник од НСДП.
Од надлежните служби од општината не добивме информација дали ќе бидат исплатени до крајот на мандатот на градоначалникот Шехтански.
Инаку, Делчево е една од најзадолжените општини со вкупен долг, кон разни доверители, од околу 250 милиони денари, колку што е еден годишен буџет на Делчево.
И покрај ова, советнииците ги одржаа сите предвидени 52 седници.







