Со новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот совет, кој е на прво читање во собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, се предлага претседателот на Врховниот суд, кој е член на советот, да го изгуби правото на глас со што се отстранува можноста од негово влијание врз начинот на одлучувањето во советот.
Оваа измена е во согласност со националната стратегија за реформа на правосудниот сектор. Со измените се предлага скратување на мандатот на претседателот на советот од три на две години без право на повторен избор, бидејќи тој е прв меѓу еднаквите и сите членови со право на глас уживаат еднакви права, обврски и одговорности како членови.
Во законските измени се ограничува можноста за член на советот што го избира Собранието да биде предложен судија или јавен обвинител кој во моментот на огласот вршат судиска или јавнообвинителска функција.
Ова се предлага за да не се наруши балансот на еквивалентна застапеност на судии и истакнати правници во советот.







