Европските претставници денеска упатија порака на сочувство и поддршка во врска со новото масовно убиство што се случи синоќа недалеку од Младеновац.
Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, преку Твитер испрати „најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до целиот народ на Србија“.
На повредените им посакувам брзо закрепнување. Ова насилство мора веднаш да престане“, напиша комесарот.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борељ денеска изјави дека ЕУ стои на страна на Србија по уште една трагедија, во која загинаа осум лица, а 14 беа ранети во белградската општина Младеновац.
„Уште една масовна престрелка во Србија во која беа убиени невини луѓе. Ова е шокантна, страшна трагедија, ја чувствуваме болката и стоиме со народот на Србија во овие тешки моменти“, напиша Борељ на Твитер и на српски додаде: „ЕУ е со Србија“.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, напиша дека е „потресен од страшната вест за уште едно масовно пукање во близина на Белград“.
„Моите мисли се со семејствата на жртвите и со народот на Србија. Повикувам на темелна истрага на овие страшни настани и спроведување на правдата“, рече Билчик.
Еврокомесарот Јоханес Хан напиша дека е „длабоко шокиран од уште едно пукање во Србија“ и испрати сочувство.
„Моето најдлабоко сочувство, моите мисли се со семејствата и пријателите на жртвите“, напиша Хан.
Синоќа, недалеку од Младеновац, 21-годишен маж со автоматска пушка уби осум, а повреди 14 лица и утринава е уапсен по повеќечасовна потера.







