Бразилската влада утринава вети дека ќе одвои околу девет милијарди евра за обнова на државата Рио Гранде до Сул, регион опустошен од незапаметени смртоносни поплави и под закана од нови дождови.
Најмалку 107 лица загинаа, 754 се повредени и 134 се водат како исчезнати по поројните дождови кои минатата недела паѓаа во оваа јужна регија, се наведува во извештајот на Цивилната заштита објавен во четвртокот вечерта.
Околу 1,7 милиони луѓе се погодени, а повеќе од 327.000 се евакуирани поради природната катастрофа што експертите и владата ја поврзуваат со климатските промени.
Додека спасувачките тимови се уште се борат да ги спасат жителите и животните заробени во водата, шефот на државата Луис Инасио Лула да Силва претседаваше со состанокот во Бразилија на кој се разговараше за одговорите на трагедијата.
„Сојузната влада одлучи да внесе ресурси од околу 50 милијарди реали (околу девет милијарди евра) во Рио Гранде до Сул“, објави министерот за финансии Фернандо Хадад.
Овие поплави го погодија главниот град на државата Порто Алегре и неговите 1,4 милиони жители, но и повеќе од 400 места во областа.Оштетени или уништени се околу 60.000 домови.Спасувачките екипи вчера ја продолжија потрагата по луѓе кои се заробени во своите домови или не сакаат да си заминат од страв дека ќе бидат ограбени.
Друга огромна задача за локалните власти е да ја зајакнат логистиката за да се забрза дистрибуцијата на основните добра за жртвите од катастрофата, а од денес се предвидува уште дожд.
„Фокусот секогаш е ставен на спасувањето, но многу интензивно работиме на испораката на хуманитарна помош“, рече Сабрина Рибас, портпарол на Цивилната заштита.
„Се очекува дека тие напори донекаде ќе бидат отежнати во наредните денови, со оглед на денешната временска прогноза која најавува нови обилни врнежи“, предупреди таа.
Поплавите предизвикаа проблеми и во државните затвори, кои побараа помош откако останаа без вода за пиење, а во затворот Чаркеадас, група затвореници мораа да бидат преместени на горните катови.
Гестови на солидарност дојдоа и од странство. Папата Франциск испрати 100.000 евра за помош за згрижување на евакуираните, пишува на веб-страницата на „Ватикан Њус“, а Илон Маск на својата мрежа „X“ објави дека неговата компанија „Старлинк“ ќе донира илјада интернет терминали на спасувачките тимови. „Се надевам на најдоброто за бразилскиот народ“, додаде милијардерот, неодамна вплеткан во судир со бразилското правосудство.
(Карлос Фабал и Анселмо Канха / АФП)