Пред точно 365 дена, на 19 февруари 2022 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски во костум и вратоврска излезе на сцената на Минхенската безбедносна конференција, и во говорот што следеше, го соочи Западот со можноста за скорешно враќање на војната во Европа и руска инвазија на неговата земја. Зборуваше отворено за попуштањето на Западот кон Русија и како таа рамнодушност ги направи западните земји соучесници во руските злосторства. Исто така, побара безбедносни гаранции за да се избегне тоа неговата земја да стане постојана тампон зона меѓу Европа и Русија, велејќи дека се потребни јасни и чесни одговори на украинските барања за членство во НАТО и во Европската унија.
Вети дека ќе ја брани својата земја без разлика на тоа дали ќе добие стотици парчиња модерно оружје или само 5.000 шлемови, што беше јасна провокација на ветената поддршка од Германија.
Западните лидери собрани во хотелот „Бајеришер Хоф“ тој ден задржаа трошка надеж дека војната ќе биде избегната, се присети овие денови претседавачот на конференцијата, Кристоф Хојсген, но многумина во себе мислеа дека Владимир Путин ќе ја нападне Украина, и ќе бидат потребни само неколку денови за руските тенкови да го завземат Киев, и дека неговите генерали ќе го стават Зеленски во затвор.
Една година подоцна, по десетици илјади убиени на бојното поле и дополнителни 1.000 одржани говори, Зеленски се обрати на „истата публика“, на светските лидери и дипломати, овој пат преку видео. Лице му е испиено, гласот погруб, а минатогодишниот костум е заменет со сега веќе познатата борбена униформа, но неговиот статус беше променет со храброста што ја покажа неговата земја.
Сепак, многу прашања што тој ги постави за обврските на Запад кон Украина и идната безбедносна архитектура на Европа останаа повторно без одговори.
Во говорот, Зеленски побара побрзи одлуки за санкциите против Русија и оружје за Украина, велејќи дека Владимир Путин е единствениот добитник на одложувањето. Предупреди дека превртливоста може да доведе до задушување на Молдавија и остварување на иранските нуклеарни амбиции, бидејќи Русија ќе го пренесе збогатениот ураниум во Техеран.
Како резултат на тоа, војната во Украина беше исто толку поврзана со мирот на Блискиот Исток како и во Европа. На крајот, инсистираше на тоа дека Украина мора да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, на што германскиот канцелар Олаф Шолц даде надеж велејќи дека „секој што може да испорача такви борбени тенкови треба навистина да го направи тоа сега“.
Но, како што забележаа новинарите на лондонски „Гардијан“, Зеленски не бил главната ѕвезда во Минхен.
Навистина провокативен настап имал францускиот претседател, Емануел Макрон, кој обраќањето го започна со набројување на четири јасни порази кои Путин веќе ги претрпел.
„Војната што ја започна Путин излезе долга, а не брза; не е одбранбена, туку неоколонијална; стратешки не ги предвиде настаните, туку ги вовлече Шведска и Финска во орбитата на НАТО, и не го зголеми угледот на Русија, туку создаде недоверба кон неа“, рече Макрон.
Макрон, исто така, посочи за изгледите за скорешни преговори, велејќи дека Европа мора да биде подготвена за продолжен конфликт.
„Во овој момент уште не е дојден часот за дијалог затоа што Русија избра војна и изврши воени злосторства. Русија не може и не смее да победи во оваа војна, а рускиот напад мора да пропадне“, апелираше францускиот претседател.
Призна некои лични погрешни проценки, велејќи: „Пред една година разговарав со Путин и тој ме увери дека групата војни платеници ‘Вагнер’ нема никаква врска со него, а јас тоа го прифатив. Денес гледаме дека таа група е вклучена во руската војна против Украина и стана нова мафијашка алатка која се користи за создавање криминал и неправда“.
Макрон предупреди и дека Западот ги губи земјите од Третиот свет и дека не направил доволно за да одговори на обвинувањата за двојни стандарди, вклучително и недоволно брзо помагање на посиромашните земји со вакцини против Ковид.
„Еден од начините да се реши нивната загриженост е реформа на Обединетите нации, затоа што постојана членка на Советот за безбедност се обиде да ја уништи Повелбата на ОН“, рече тој.
Макрон потоа истакна дека ниту Европа ниту Русија не го „свариле“ добро крајот на Студената војна. Инсистирајќи на тоа дека не дава оправдување за руската агресија, тврдеше дека Западот едноставно не може да избега од предизвикот за пронаоѓање начини да се справи со главно нереконструираната Русија или нејзиниот народ.
„Ниту една секунда не верувам во промена на режимот во Русија. Кога ќе слушнам дека многу луѓе се за промена на режимот, само би ги прашал за каква промена, кој е следен и како тоа да се спроведе? Во изминатите децении, многупати доживеавме промена на режимот и тоа беше целосно промашување“.
Додаде дека прашањето е „како да се искриви и создаде“ сегашната несовршена рамнотежа, дозволувајќи и на Русија да изгради нешто одржливо за себе, но и призна дека е премногу рано да се формулира што би можело да содржи оваа спогодба.
„Макрон наиде на многу критики за неговите иницијативи кои понекогаш беа во погрешен момент и очигледната верба во неговата способност да го скроти Путин. Нема сомнеж дека дел од она што тој го предлага е премногу фокусирано на Франција, но после периодот во кој тој делуваше невообичаено рамнодушно, се чини дека е барем подготвен повторно да се обиде да го преземе кормилото“, предвидува Гардијан.
(Извор: „Јутарњи лист“, Фото: АФП)