Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата за разрешувањето на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлески.
Предлогот Зврлевски да биде разрешен го поднесе Владата на РМ поради, како што се наведува во образложението, незаконско, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.
Во документот стои и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и дека го нарушува нејзиниот углед.
Забелешки главно имаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие го повторија ставот дека барањето за разрешување на Зврлевски е незаконско и спротивно на Деловникот, како и дека претставува политичка хајка со единствена цел – лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев да се спаси од, како што рекоа, кривичен прогон за случајот „Поткуп“.
Воедно предложија, оваа точка да се симне од дневниот ред додека Антикорупциската комисија на нивно барање не оцени дали е во согласност со законот или, прво да се донесат измените на Законот за јавно обвинителство според кој јавниот обвинител ќе биде предлог на опозицијата и ќе се бира со двотретинско мнозинство, па потоа да се расправа за разрешувањето на Зврлевски .
Од СДСМ порачаа дека без да си оди Зврлевски од функцијата јавен обвинител, вистинските реформи во судството не може да почнат. Залудни се, според нив, сите одолговлекувања на ВМРО-ДПМНЕ, интерпелациите, репликите и контрарепликите зашто, изјаснувањето околу разрешувањето на Зврлевски и правдата мора да се случат.
ДУИ, пак, јасно го поддржа предлогот за разрешување на јавниот обвинител зашто, како што рече Артан Груби, токму Зврлевски не кажал збор, ниту покренал постапки за многу спорни случаи.
Спикерот Талат Џафери, во врска со барањата и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, беше дециден, дека работи исклучливо согласно Деловникот, Уставот и законите и дека нема да ја прекине седницата.
„Преседан ќе биде, законодавецот да се обрати до Антикорупциската комисија – тело кое сам го бира, за да го консултира дали работи исправно. Во однос на предлог-измените на Законот за јавно обвинителство, пак, додаде дека се на дневен ред на друга седница.







