Новиот луксузен државен автомобил „Кортеж“ успешно ги помина серијата креш тестови и ќе биде технички подготвен за инаугурација на рускиот претседател на 7 мај, изјави министерот за индустрија и трговија на Русија, Денис Мантуров.
„Ќе бидеме во потполност подготвени до почетокот на мај како би можеле технички да овозможиме автомобилот да биде користен на инаугурацијата на претседателот, но не е на нас да одлучуваме кога претседателот ќе почне да го користи возилото“, вели Мантуров.
Рускиот министер додаде и дека после бројните тестови „Кортеж“ подоцна, во текот на годината, ќе биде подготвен за сериско производство.
За тоа дека се работи на нов претседателски автомобил беше соопштено уште пред неколку години, а во меѓувреме се појавија и фотографии од прототипот.
Идејата била претседателот да има свое посебно возило, но напоредно со тоа да се развие линија за останатите високи државни функционери, вклучувајќи и специјализирани теренски возила.
Дел од производството на возилата „Кортеж“ би требало да биде достапен и на слободниот пазар.







