Премиерот Зоран Заев денеска приреди прием за ракометарите на Вардар, освојувачи на првото место во Лигата на шампиони, и од името на владата им врачи свечена плакета. Тој им ја честиташе шампионската титула и најави засилено инвестирање во спортот. Сопственикот на РК Вардар, Сергеј Самсоненко, пак, на премиерот му подари еден од шампионските златни медали.
„Во име на граѓаните на Македонија ви благодарам што сите нас не направивте горди и среќни. Игравте со срце на теренот. Првото место што го освоивте ќе биде врежано во меморијата на ракометот и на спортот во државава, како пример за генерациите што доаѓаат, дека се е остварливо низ тимска работа, упорност и посветеност. Имам силна верба дека ова е само почеток на успесите што ќе се множат, во ракометот, во спортот и во животот во Република Македонија“, им порача премиерот Заев на ракометарите.
„Успехот што го постигнавте е многукратно поголем за промоција на Македонија од сите амбасади и економски промотори“, посочи Заев пред ракометните шампиони.
Заев, меѓу другото, додаде и дека нивниот успех ја мотивирал Владата да размислува за дополнително предлагање закони кои ќе бидат во насока на подобрување на условите за спортистите.








