Албанскиот премиер Еди Рама од градот Либражд порача дека локалните избори во јуни ќе се одржат, со или без опозицијата.
На средба со граѓаните, во рамки на владиниот проект „За општина каква посакуваме“, Рама истакна дека обврска на владејачкото мнозинство е да не го спречува некого да учествува на изборите, но не и со сила да го принуди да учествува во изборната трка.
Но, според него, доколку опозицијата учествува на изборите ја очекува изборен дебакл, но и ако бојкотира, премиерот рече дека ќе ги преземат сите општини и ќе владеат многу подобро.
„Велат дека не учествуваат на изборите. Не учествувајте. Ние на избори ќе бидеме со оние кои ќе учествуваат, но и да не учествува никој друг, живееме во демократија. Важно е да не се спречи некој да учествува на изборите, но не со сила да ги тераш луѓето на избори. Се обидовме еднаш, го зедовме на сила Лули (Љуљзим Баша), му дадовме се што посака, ни вети дека доколку изгуби на избрите ќе биде мирен и нема да излезе да ја направи Албанија партал во ушите и очите на странците, но не го одржа зборот, нагласи Рама.
Тој ја обвини опозицијата дека не посакува убави нешта, туку „само проблеми, јајца и боја“, посебно, како што рече црна боја, алудирајќи на црната боја со која приврзаниците на опозицијата ја обоија зградата на МВР во Тирана.
Пред влезот во Либражд, група граѓани и симпатизери на опозициската Демократска партија се обидоа да го блокираат влезот на придружбата на Рама во градот, но по интервенција на полицијата тие се разотидоа. Приведени се пет лица.
Обединетата албанска опозиција и за денеска во 9,30 часот го закажа осмиот протест, на кој повторно ќе побара оставка од Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе фер и демократски избори.
Приврзаниците на опозицијата ќе протестираат пред Парламентот во Тирана, во исто време кога во собраниската сала ќе се одржува пленарна седница, на која меѓу другото заклетва ќе дадат уште неколку пратеници од опозицијата, кои доаѓаат на местото на оние кои се откажаа од мандатите.
На протестот нема да присуствува лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој замина во Берлин на средба со високи функционери на ЦДУ и Европските народни партиии. Според партијата тема на средбите ќе биде актуелната политичка ситуација во Албанија и активностите на опозицијата за смена на Владата на премиерот Еди Рама.
Последнот протест на опозицијата се одржа минатиот четврток, кога исто така се одржуваше пленарна седница и беше многу тензичен, со обиди насилно да се пробие полицискиот кордон и да се влезе во Парламентот, како и фрлање димни бомби и тврди предмети врз полицијати.
Демонстрантите подоцна заминаа пред зградата на Министертвото за внатрешни работи со барање за ослободување на притворените од протестите, каде што имаше обид за насилно влегуање во зградата, но откако тие беа разбиени зградата беше испрскана со црна боја.
Како што претходно најави демократскиот лидер Баша, протест пред Парламентот ќе има секогаш кога ќе има пленарна седница, додека масовен протест пред Владата е закажан за 13 април.







