Претседателот Владимир Путин го отповика вчера указот од 2012 година со кој делумно се потврдува суверенитетот на Молдавија во решавањето на иднината на Придњестровје, сепаратистички регион што се граничи со Украина, каде што Русија има свои трупи.
Указот, кој вклучуваше молдавска компонента, ја претстави руската надворешна политика пред 11 години, која претпоставуваше поблиски односи на Москва со Европската унија и Соединетите Американски Држави.
Наредбата со која се поништува документот од 2012 година беше објавена на веб-страницата на Кремљ и во неа се вели дека одлуката е донесена за „да се осигураат националните интереси на Русија во врска со длабоките промени што се случуваат во меѓународните односи“.
Тоа е дел од низата антизападни потези кои Путин ги најави вчера.
Молдавскиот претседател на заедничката контролна комисија во безбедносната зона околу Придњестровје, Александру Фленчеа, рече дека откажувањето не значи дека Путин го напушта поимот молдавски суверенитет.
„Указот е политички документ кој го спроведува концептот на надворешната политика на Русија“, изјави Фленчеа за ТВ „Публика“.
Молдавија и Русија, вели, имале фундаментален политички договор кој предвидувал взаемно почитување на територијалниот интегритет на нивните земји.
Кремљ соопшти дека односите на Русија со Молдавија, која минатата недела одобри нов прозападен премиер, кој вети дека ќе настојува државата да и се придружи на Европската унија, се многу затегнати ија обвини Молдавија дека спроведува антируска агенда.
Сместена меѓу Романија и Украина, Молдавија, една од најсиромашните нации во Европа, ја предводи претседателката Маиа Санду од 2020 година со силна поддршка од САД и Европската унија.
Американскиот претседател Џо Бајден се сретна со неа во вторникот во Полска и ја потврди својата поддршка.
Со декретот од 2012 година Русија се обврзува на барање начин за решавање на сепаратистичкото прашање „врз основа на почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и неутралниот статус на Република Молдавија при определувањето на специјалниот статус на Придњестровје“.
Придњестровје се „одвои“ од Молдавија во 1990 година, една година пред распадот на Советскиот Сојуз, од страв дека Молдавија ќе се спои со Романија, чиј јазик и култура во голема мера го дели.
Кратката војна ја соочи новата независна Молдавија со сепаратистите во 1992 година. Но, практично немаше насилство во изминатите 30 години, со руските „мировници“ сè уште се распоредени на малата земја, која нема меѓународно признавање.
Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека „внимателно ќе го проучи“ документот.







