Нивото на Јадранското море до крајот на овој век би можело да се зголеми и до едно метро, што може негативно да се одрази на крајбрежните подрачја, е истакнато на трибина во Сплит на тема „Климатски промени: Што се случува со Јадранското море?“
Постои проценка дека до 2100 година може за половина метар до еден метар да се подигне нивото на морињата во светот, а така и на Јадранот. Порастот на нивото на морето би можело да загрози некои населби. Замислете во Сплит водата во морето да биде за еден метар повисока“, рече на трибината Ивица Вилибиќ, научен советник од Институтот за океанографија и рибарство, пренесува порталот „Индех.хр“.
Според тие проценки, во Сплит, на пример, ќе зачестат поплавите на Рива и Диоклецијановите подруми.
Влијанието на климатските промени, појасни тој, може да се предвидува со децении, а во идните децении ударите на брановите ќе предизвикаат поголеми штети, затоа што ќе се случуваат на повисоко ниво на морето.
„Климатските промени ќе се развиваат на целото Средоземје, нивото на морето полека ќе оди нагоре па невремето ќе има силно влијание на крајбрежјето кое не е прилагодено на тоа и тогаш се случуваат штети“, смета Вилибиќ.
Притоа, тој оцени дека крајбрежјето е „преизградено“. Смета дека проценките за такви климатски промени можат да влијаат на изградбата во подрачјата близу до морето, заради што во иднина ќе се гради „малку подалеку од брегот“.
„Меѓутоа, климатските промени можат позитивно да влијаат на туризмот во Хрватска затоа што заради порастот на температурата ќе се продолжи туристичката сезона“, рече Вилибиќ.
По неговите зборови, заради порастот на температурата пожарите ќе бидат позачестени, посебно во подрачјата до морето.







