Швајцарскиот главен град, Берн, започнува експериментална програма за контролирана продажба на кокаин, откако градскиот парламент со 43 гласа „за„ и 18 „против“ (значи, со убедливо мнозинство) го усвои предлогот на Алтернативна левица.
Иако циниците ќе речат дека Швајцарците набрзина истражуваат со што можат да го заменат глобалниот статус на банкарска нација по колапсот на „Кредит Свис“, предлогот наводно не е насочен кон претворање на Швајцарија во слободна зона за рекреативна употреба на дроги и разни опијати, туку се работи за обид за подобар надзор и контрола на нарко-пазарот.
Ниту на членовите на Алтернативна левица, предлагачите и заговорниците на контроверзната „кокаинска програма“, не им паѓа на памет да тврдат дека кокаинот не е премногу штетен, но е подобро да се контролираат постоечките зависници отколку да тие да се препуштат на криминалното милје.
Програмата за легална продажба на кокаин во Берн направена е по примерот на веќе постоечкиот социјален експеримент со марихуана во Швајцарија.
На целата приказна се спротивставува група десничарски партии, кои тврдат дека таквата одлука треба да и се остави на сојузната влада.
Инаку, швајцарските централни власти се согласија на експеримент со марихуана под притисок на претставници на градовите, па не е јасно дали ќе бидат доволно конзервативни за да се спротивстават на нов експеримент, овој пат со кокаин.
За прв пат, слободна продажба на кокаин беше предложена во Берн во 2019 година, но беше одбиена поради преслабо поставените рестрикции.
Подоцна, Алтернативна левица ја доби поддршката од социјалдемократите и со малку пофино напишана верзија на правилата за продажба на кокаин, успеа да ја протурка „програмата“. Експерименти со слободна продажба на канабис во моментов се спроведуваат во Базел, Цирих и Лозана, а наесен ќе им се придружи и Берн.







