Силна бура вчеравечер ги опустоши северните делови на Босна, при што загина едно лице, а повеќемина се повредени.
Според достапните информации, 54-годишна жена смртно настрада од струен удар во Брчко.
Како што пишува „Дневни аваз“, таа била пронајдена во дворот од куќата во која престојувала. Полицијата за ова добила информација од итната помош, а се претпоставува дека оваа трагедија е поврзана со невремето.
Уште најмалку осум лица се повредени во подрачјето на Бјелина, а силниот ветер и дожд предизвикаа штети и на подрачјето на Босански Шамац, Добој, Брчко и Босански Брод.
Пожарникарите мораа да интервенираат поради обилните врнежи од дожд и заради многубројните дрва кои беа соборени на коловозите од силниот ветер.
Невремето во Хрватска однесе три животи, а повеќе од стотина се повредени, некои и потешко.
Хрватскиот Државен хидрометеоролошки завод соопшти дека во средата во периодот од 18 до 19 часот, во Градиште е забележан удар на ветер од дури 180 километри на час, додека најголем налет во загребската област е регистриран во Велика Горица.
Ветерот рушеше стебла и носеше покриви во Загреб и околината, а и на подрачјето на Славонија.

Градот Загреб упати предупредување до граѓаните да избегнуваат посета на паркови, заради сопствена безбедност, додека не се санираат опасните, навалени дрва и гранки.
По невремето на некои патни правци во централна, северозападна Хрватска и дел од Славонија е отежнато возење, а на некои делници во прекин е и железничкиот сообраќај.
Повремени застои има на делници каде се извршуваат градежни работи, а поради последиците од невремето затворени за секаков сообраќај се државните патишта Винковци-Жупања (ДЦ55) и Липик-Трокут (ДЦ47).
Надлежните ги предупредуваат возачите да ги приспособат брзината и начинот на возење на условите на патот.

Заради силен ветер на јадранската магистрала (ДЦ8), помеѓу Карлобаг и Света Марија Магдалена, забранет е сообраќај за двокатни автобуси, возила со камп приколки и мотоцикли.
Поради последиците од невремето во прекин е железничкиот сообраќај на делниците Запрешиќ – Савски Мароф, Загреб Западна станица – Подсусед, Загреб Боронгај – Сесвете, Главна станица во Загреб – Хрватски Лесковац, Ресник – Житњак, Нова Градишка – Новска, Новска – Поповача и Врбовец – Дуго село.
Патничките возови стојат на Савски мост во Загреб и на делници на линиите Загреб Боронгај – Сесвете, Окучани – Новска и Врбовец – Дуго Село.
Во Србија денеска се очекува променливо време со пад на температурите и наизменични сончеви и облачни интервали, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод.
Променливо време се очекува и во Белград со малку пониска температура и променливи сончеви и облачни интервали.
Се очекуваат и краткотрајни врнежи со грмежи.
Оваа прогноза звучи многу подобро од заканувачките облаци и предупредувањата за итни случаи – црвеното, највисокото, за катастрофи.
Топлотниот бран со денови ги „тероризираше“ граѓаните од север до југ и од исток до запад во Србија, кој својот врв го достигна во форма на невреме и бура вчера во попладневните часови.
Проблемот е, велат синоптичарите, што нема мирна транзиција, туку овие промени се ненадејни и брзи, благодарение на климатските промени.
Дрва паѓаат врз автомобили, но и врз случајни минувачи. Во Нови Сад дрво паднало врз девојка, а во неволја се нашол и постар мотоциклист. Српската полиција информира дека спасила 15 лица од различни опасни ситуации. Аеродромот беше привремено затворен, а на еден лет се случила мала несреќа. Во Нов Белград се урнаа два крана. Тешко функционира и железничкиот сообраќај, а многу места останаа без струја.
(Фото: Бета / АТА Имиџис)







