„Европската унија сака светски усогласени правила за употреба и развој на вештачка интелигенција способна да создава оригинална содржина, како што се текст, видео и слики, и да биде светски лидер во регулирањето на оваа област“, истакна во четвртокот во Европскиот парламент потпретседателката на Комисијата, Вера Јоурова.
„Унијата е глобален лидер во регулирањето на генеративната вештачка интелигенција, односно вештачката интелигенција која создава оригинална содржина“, рече Јоурова во расправата со европратениците на пленарната сесија во Стразбур.
„Ниту еден друг регион не е толку напреден во развојот на сеопфатната, обврзувачка регулаторна рамка неопходна за ефикасно справување со ризиците и можностите на вештачката интелигенција“, тврди Јоурова.
Во јуни, Евро-парламент го усвои својот став за правилата за употреба и развој на вештачка интелигенција, особено предупредувајќи на ризиците, за да не се случи употребата на оваа технологија во ЕУ да доведе до кршење на човековите права.
Парламентот, Советот на ЕУ, односно владите на земјите членки и Комисијата треба, во тријалог, до крајот на годината да ги усогласат своите ставови, со што Унијата може да биде прва во светот која ќе добие правила за користење на оваа технологија.
Јурова, во расправата насловена „Глобална конвергенција на генеративната вештачка интелигенција“, посочи дека „предлогот на ЕУ за Законот за вештачка интелигенција е европски одговор за решавање на ризиците од вештачката интелигенција и зајакнување на довербата на граѓаните во оваа технологија“.
Предложените правила на ЕУ вклучуваат, на пример, одредби за транспарентност кои пропишуваат дека корисниците мора да бидат информирани за тоа дали имаат интеракција со четбот, компјутерски програми за разговор, или гледаат т.н. „дипфејк“ (deepfake), производ на убедлива компјутерска манипулација со слика, видео или звук.
Меѓу системите на генеративна вештачка интелигенција, најпопуларен во моментов е „четбот-Чет ГПТ“ (chatbot – ChatGPT), кој за само два месеци од неговото покренување на крајот на минатата година собра 100 милиони корисници.
„Брзината со која се шири вештачката интелигенција бара ЕУ да не го одложува усвојувањето на своите правила за оваа технологија“, рече Јоурова и истакна дека Брисел веќе е ангажиран во воспоставување глобална регулаторна рамка за оваа технологија во меѓународните организации како што е таа за економска соработка и развој (ОЕЦД), групата Г7, Обединетите нации, Советот на Европа и дека водат билатерални разговори, на пример со САД, Јапонија и Јужна Кореја.
„Она што го гледаме преку нашата работа на глобално ниво е дека, и покрај разликите, постои се поголема конвергенција во поглед за потреба за преземање акција за приближување кон основните заеднички начела и принципи кои ги поткрепуваат демократските вредности за развој и користење на вештачка интелигенција“, рече Јоурова.
„Во неодамнешниот извештај на ОЕЦД се наведува дека генеративната вештачка интелигенција ги засилува постоечките ризици и создава нови, посебно во врска со пристрасноста, дискриминацијата и дезинформациите“, истакна таа.
„ЕУ има единствена можност преку Законот за вештачка интелигенција да даде многу конкретен придонес во глобалните напори за доверлива вештачка интелигенција. Тоа значи дека треба да го завршиме тријалогот за Законот за вештачка интелигенција што е можно поскоро и да ги преземеме сите мерки во ЕУ и глобално за промовирање на рано прифаќање на начелата на Законот за вештачка интелигенција“, порача потпретседателката на Комисијата.
Во расправата за глобалното усогласување на правилата за вештачка интелигенција европратениците истакнаа дека веруваат оти е важно да се воспостави правна и етичка рамка за да се избегнат потенцијалните штетни ефекти од користењето на таквите технологии и укажаа на потребата од нејзино регулирање за да се намалат ризиците и злоупотребите.
Велат дека Европа е таа која треба да воведе нови стандарди кои потоа ќе станат глобални одредници и дека не требало да се плашат од вештачката интелигенција, туку треба квалитетно да ја регулираат и притоа, да направат се’ за европските стандарди што сега ги воспоставуваат да станат светски.
Според проценките, големината на пазарот на вештачка интелигенција до 2030 година ќе биде 110,8 милијарди американски долари. Станува збор за огромна индустрија која има свои интереси.
(Фото: АФП)







