Судењето за случајот „Рекет“ се одложи за 23 јануари 2020 година поради отсуство на бранителите на Катица Јанева, адвокатите Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.
Судијката Васка Николовска-Масевска, на почетокот на денешното рочиште, информираше дека до Судот пристигнале две барања за одложување, најпрво на 15 јануари од адвокат Кадиев, а денеска и од адвокатката Фрчковска, со образложение дека имаат здравстевни проблеми.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште требаше да сведочи поранешната специјална јавна обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“.
Досега како сведоци исказ дадоа заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска, бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.
ИЗВОР: МИА







