Кина најавува голема берба на летни житни култури, со цел да го подобри задоволувањето на сопствените потреби од храна, во услови на раст на цените на храната во светот, поради украинската криза.
„Околу 80 отсто од житариците во југозападна Кина се собрани, додека жетвата во средниот и долниот тек на реката Јангце штотуку започна“, соопшти кинеското Министерство за земјоделство и рурални работи.
Житото во регионот Хуанг-Хуаи-Хаи, кое сочинува три четвртини од националното производство на летното жито, исто така ќе созрее, известува ресорното министерство.
И покрај предизвиците со Ковид-19 и одложеното засадување на зимската пченица на неколку места, успешна летна жетва на пченица ќе се постигне благодарение на ефективната политичка поддршка, рече Џу Енлин, заменик-шеф на Одделот за растително производство во Mинистерството за земјоделство.
Централната влада оваа година издвои над 900 милиони долари, што е износ без преседан, за летно производство на житарици и издвои посебни средства за зголемување и поддршка на „зеленото производство на житарици“.
Кина во 2021 година увезла 164,54 милиони тони житарки, што е еквивалентно на 24 отсто од вкупното производство на жита, според податоците на царината, а годинава кинеските власти имаат за цел вкупното производство на жита да биде 650 милиони тони.







