Германската годишна стапка на инфлација порасна на 10,4 отсто во октомври, во однос на 10 отсто во септември, покажаа официјалните податоци кои ги објави државната агенција за статистика – Дестатис. Стапката достигнала највисоко ниво од обединувањето на земјата до сега, се наведува во извештајот.
„Цените на енергенсите се уште се главната причина за поскапувањата во земјата“, истакна Георг Тиел, шеф на Дестатис.
Месечната стапка на инфлација, исто така, во октомври изнесувала 0,9 отсто, додава Дестатис во своето соопштение.
И покрај мерките за олеснување, цените на енергенсите во Германија во октомври 2022 година биле за 43 отсто повисоки отколку во истиот месец од претходната година.
Посебно нагло пораснала цената на енергијата во домаќинствата, за 55 отсто, повеќе од двојно се зголемиле цените на природниот гас (раст од 109,8 отсто), а парното греење поскапело за 35,6 отсто. Поскапело и греењето со други извори на енергија: огревното дрво, пелетите или други цврсти горива двојно поскапеле (108,1 отсто).
Што се однесува, пак, до струјата, известува Дестатис, таа е поскапа за 26 отсто. Главната причина за скапите енергенси во целина е наглото зголемување на меѓународните набавни цени, наведуваат „статистичарите“.