Англискиот играч на снукер Рони О’Саливен го освои првото место на Мастерсот во Лондон, откако доцна вчеравечер во финалето го победи сонародникот Џо Пери со 10:7.
О’Савилен ја одбрани титулата на Мастерсот и стана рекордер на тој турнир со седум титули, колку што освои во 12 финални натпревари.
Пери подобро го почна мечот, поведе со 4:1, но петкратниот светски шампион освои седум последователни фрејмови и направи пресврт на 8:4.
Пери успеа да се доближи на 7:9, но после големата борба во последниот фрејм О’Саливен ги искористи грешките на противникот и ја одбрани титулата.
Ова е прва ранкинг титула за О’Саливен после 11 месеци и победата на Отвореното првенство на Велс.
„Џо требаше да ме победи вечерва. Имав среќа. Чувствувам олеснување што успеав да освојам трофеј. Навистина уживав во текот на целата недела“, изјави четириесет и едногодишниот О’Саливен.
Тој на патот до финалето ги победи Лиенг Венбо, Нил Робертсон и Марк Фу.
Пери, пак, до финалето стаса преку Шон Марфи, Динг Џинхуи и Бери Хокинс.
„Резултатите на Мастерсот ме охрабруваат да продолжам и да се обидам да освојам еден голем турнир. Малку се занесов кај водството од 4:1, но и загубив“, наведе 42-годишниот Пери, кој се обиде да го освои првиот Мастерс.
Мастерсот е еден од трите најпрестижни турнири во снукер, покрај Светското првенство и Отвореното првенство на Обединетото Кралство.
О’Саливен покрај трофејот, кој го носи името на починатиот снукерист Пол Хантер, освои и 200.000 фунти, додека на Пери му припаднаа 90.000.







