Добро е што опозицијата конечно го соопшти својот став за Предлог измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Сите предлози вклучително и амандманите на опозицијата ќе бидат разгледани, истакна потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски во изјава за медиуми.
Предложените законски измени, во текот на оваа недела, ќе бидат на второ читање на надлежната Комисија за транспорт и врски, каде што ќе се разгледуваат сите предложени амандмани.
Добро е што опозицијата даде мислење и конкретни предлози за овие законски измени, но добро ќе беше тоа да го стореа порано за да може сите тие предлози коишто беа поднесени од страна на опозицијата исто така да бидат дел од јавните дебати и трибини на коишто се дебатираше за законско решение.
Морам да нагласам дека овој Предлог-закон е еден од најдебатираните законски решенија, во дебатата беа вклучени сите чинители и субјекти на медиумската заедница. Овој закон е всушност конкретен резултат кој што произлезе токму од тие дебати.







