Швајцарците провоцираа на мечот против Србија, тоа пред се се однесува на Ѓердан Шаќири и Гранит Ѓака, кој на специфичен начин ги прославија погодоците во мрежата на Владимир Стојковиќ, меѓутоа, тоа им се „врати“ во осминафиналето на средбата со Шведска, а за тоа е „заслужен“ шведскиот репрезентативец Понтус Јансон.
После погодокот на Емил Форсберг, фудбалерот на Лидс покажа „орел“, наводно како „поздрав“ за Ѓака и Шаќири.
Некои Албанци тоа го доживеаа како провокација, па Јансон беше предмет на критика на социјалните мрежи, а Швеѓанецот порачува дека во неговиот потег нема политика.
„Во врска со мојот орел денес. Тоа немаше никаква врска со Швајцарија и политиката, тоа е само нешто што сум го правел уште кога бев дете за моите пријатели Албанци“, напиша Јансон на Инстаграм.







