Во берлинскиот кварт Нојкелн, десетици луѓе ги прославија крвавите напади врз Израел.Полицијата поднесе пријави, а политичарите велат дека овие луѓе „нема што да бараат во Германија“, пишува Дојче веле.
Берлинската полиција поднесе кривична пријава заради „славење и одобрување на криминални дела“ против луѓето кои во саботата (7-ми октомври) во Нојкелн им делеа слатки работи на минувачите, славејќи го нападот на Хамас врз Израел.
Според снимките од социјалните мрежи, приврзаници на мрежата Самидун – здружение за поддршка на палестинските затвореници – носеа и палестински знамиња додека ги делеле слатките.
На „Х“, некогашен Твитер, оваа организација напиша: „Да живее отпорот на палестинскиот народ!“
Полицијата соопшти дека во Нојкелн, каде што повеќето жители имаат мигрантско потекло, имало многу плакати и графити на арапски јазик, насликани калашникови и други знаци за поддршка на Хамас.
На „Сончевата алеја“, главната улица во Нојкелн, во саботата вечерта се одржа и пропалестински собир, со околу шеесетина учесници, за кои многу медиуми пренесоа дека се со „арапско потекло“.
Полицијата одлучи да го растури собирот затоа што некои учесници носеа маски и заради тоа што постојано се повторуваа антиизраелски пароли.
Притоа двајца полицајци биле полесно повредени кога некои од учесниците на собирот фрлиле шишиња на нив.
Поднесени се шест кривични пријави и 36 прекршочни.
„Не прифаќаме дека на нашите улици се слават одвратни напади против Израел“, рече вчера канцеларот Олаф Солц.
„Страдањето, уништувањето и смртта на толку многу луѓе не смеат никому да бидат причина за радост.“
Во саботата Бранденбуршката капија во Берлин беше осветлена во боите на израелското знаме.
Полицијата низ Германија ги засили патролите околу синагогите и еврејските културни центри.
Голем број политичари го осудија славењето за нападите на Хамас.
„Овие луѓе ги отфрлаат нашите вредности и овие луѓе немаат што да бараат овде“, рече генералниот секретар на Либералите, Биѓан Џир-Сарај.
Тој истакна дека ваквите политички ставови мора да се земат предвид кога некому му се дава работна дозвола или државјанство.
Бернд Бауман од десничарската Алтернатива за Германија настанот во Нојкелн го нарече „сметка“ за „неуспешната миграциска политика“ за која тие, рече, од секогаш предупредувале.
Генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, исто така ги осуди ексцесите, и додаде: „Не може за секој проблем на нашето општество да следи депортација.
Затоа што има многу нехумани и антисемитски ставови во целото германско општество, а не само кај луѓето со мигрантско потекло“.
(Фото: Бетафото / Пол Цинкен – ДПА)







