Кога левичарскиот чилеански претседател Габриел Бориќ на 20 април на телевизија во живо најави национализација на индустријата за литиум – клучен метал за производство на батерии за електрични автомобили – Ројтерс тоа го нарече „шокантен потег“, истакнувајќи дека Чиле е втор по големина производител на литиум во светот, зад Австралија.
Бориќ, пак, својот потег го оправда со желбата да ја заживее економијата на земјата и да ја заштити нејзината животна средина.
„Ова е шанса за економски раст. Ова е најдобрата можност што ја имаме за транзиција кон одржлива и развиена економија. Не смееме да си дозволиме да го пропуштиме“, рече во своето обраќање Бориќ, чии предци кон крајот на 19 век дошле во Чиле од островот Угљан.
Чилеанскиот претседател објасни дека сака да го заштити биодиверзитетот и да ги сподели придобивките од рударството со домородните народи и околните заедници. За да го постигне ова, неговата влада ќе основа посебна компанија во државна сопственост која ќе го преземе производството на литиум – поддршка за нејзино формирање Бориќ ќе побара од Чилеанскиот конгрес во втората половина на годината – и во иднина договори за ископ на литиум ќе бидат склучени како јавно-приватно партнерство со државна контрола.
Притоа, оваа нова државна компанија ќе го користи искуството на чилеанската државна компанија „Коделко“ (Codelco), најголемиот светски производител на бакар, како и на државната рударска компанија „Енами“ – овие две државни компании добија задача да смислат начин како ќе функционира ова јавно-приватно партнерство.
Во моментов, производството на литиум во Чиле го контролираат американската компанија „Албимарли корпорација“ (Albemarle Corporation), која е најголемиот светски производител на овој благороден метал, и домашната компанија „Ес-Кју-Ем“ (SQM).
Двете компании ги снабдуваат „Тесла“ (Tesla), „ЛГ Енерџи Солушнс“ (LG Energy Solutions) и други производители на електрични возила и батерии.
Според зборовите на Бориќ, чилеанската влада нема да ги раскине постојните договори, но се надева дека горенаведените компании ќе бидат отворени за учество на државата и пред тие да истечат. Договорот на Ес-Кју-Ем е до 2030 година, а на Албемарли до 2043 година.
Раководството на американската корпорација изјави за Ројтерс дека објавата на Бориќ нема да има „никакво материјално влијание врз нашето работење“, додека Ес-Кју-Ем објави дека ја „анализираат стратегијата која ја поднесе владата“.
Нови правила на игра
Оваа стратегија ја анализираат и светските медиуми, имајќи ја предвид големата улога што ќе ја има литиумот во ерата на транзиција кон обновливите извори на енергија, кој поради неговата важност и аналогија со нафтата, како движечка сила на светската економија, е наречен „бело злато“.
„Со овој потег Чиле, вториот по големина производител на литиум во светот, би се префрлил на модел со државна сопственост на сите нови проекти за литиум, преку јавна компанија која ќе биде партнер со приватни рударски компании“, резимира канадскиот портал „Глобус и Мејл“ (The Globe and Mail). наведувајќи дека Чиле не е единствениот пример на „литиумскиот национализам“ во Латинска Америка.
Имено, и другите две земји на континентот кои поседуваат големи резерви на литиум и заедно со Чиле го сочинуваат „литиумскиот триаголник“, Аргентина и Боливија, исто така имаат левичарски влади кои сакаат поголем удел на јавниот сектор во ископувањето метали, за приходот од експлоатацијата на овие национални ресурси да и припаднат на заедницата – вклучувајќи ги и автохтоните (домородните) народи кои живеат во тоа подрачје – а не на приватните корпорации.
Така, Боливија целосно ја национализираше својата индустрија за литиум, додека во Аргентина, од неодамна во бизнисот со литиум влезе државната енергетска компанија УПФ (YPF).
„Напорите за државна контрола во Чиле одразуваат поширок бран на литиумски национализам низ Латинска Америка, татковина на таканаречениот ‘литиумски триаголник’, кој го држи најголемото светско богатство на металот неопходен за батериите на електричните возила“, заклучува канадскиот портал.
Ројтерс, пак, наведува дека одлуката на чилеанскиот претседател претставува „нов предизвик за производителите на електрични возила, кои се мачат да обезбедат материјали за батериите затоа што се повеќе земји одат во насока да ги заштитат своите природни ресурси, а побарувачката за литиумот е се поголема“.
„Мексико своите резерви на литиум ги национализираше минатата година, а во 2020 година Индонезија го забрани извозот на никел, исто така еден од клучните материјали за батерии за електрични возила“, истакнува Ројтерс и потсетува дека мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, и претседателот на Боливија, Луис Арсе, неодамна „ја пофалија идејата за регионален литиум ОПЕК за координирање на политиката за литиум и корист за локалните економии“.
Аналитичарите, пак, посочуваат дека се чини оти предлогот на Бориќ се обидува да најде средина меѓу конкурентните интереси на државата и приватниот сектор.
„Не сум премногу изненаден, што не значи дека тоа не е многу важна промена во моделот“, вели Маријано Мачадо, главен аналитичар за Америка во британската компанија „Версик Маплкрафт“ (Verisk Maplecroft), која се занимава со анализа на ризик и стратешки консалтинг.
Мачадо смета дека Чиле го избрал „средниот модел“, во кој „државата има одредена предност, со оглед на тоа дека се работи за ресурс што се смета за стратешки“.
„Тоа е поинаков модел од соседна Боливија, каде државата има целосна контрола врз секторот и Аргентина, каде државата едноставно им дава концесии на компаниите за работа“, вели Мачадо.
Некои аналитичари тврдат дека во Чиле не може ни да се зборува за национализација во целосна смисла на зборот.
„Да се нарече тоа ‘национализација’ е прејако (…). Тоа е квази-национализација, во смисла дека правилата на игра сега се изменети во корист на државата“, смета Николас Салдијас, висок аналитичар на „Економист интелиџенс унит“ (Economist Intelligence Unit) за Латинска Америка и Карибите.
Салдијас дури тврди дека предлогот на Бориќ „всушност му дава на приватниот сектор повеќе можности од постоечката рамка, бидејќи нуди повеќе опции за учество во проекти отколку што постојат во моментов“.
Споменатиот експерт, меѓутоа, предупредува дека еколошките ограничувања во начинот на кој се произведува литиумот и обврската за консултации со локалните заедници може да доведат до „зголемување на деловните трошоци“ во Чиле.
Емили Херш, извршнa директорka на американската компанија за истражување на литиум „Луна Литиум“ (Luna Lithium), исто така смета дека овој потег на чилеанскиот претседател не претставува кршење на деловните практики.
„Тоа не е кражба на концесии, тоа е промена на правилата, а не нивно нагло кршење“, рече Херш, којa го коментираше и планот на Бориќ да ја натера чилеанската држава поактивно да се вклучи не само во ископувањето на литиум, туку и во развој на литиумски производи со додадена вредност, како што се самите литиумски батерии.
„Ова е во согласност со насоката во која се движи светот.
Тенденцијата кон поголема додадена вредност каде што се произведуваат минерали и поголемиот удел во приходите од рударските активности се разбирливи долгорочни трендови – вели американската директорка.
Берзите во паника
Како и да е, берзите реагираа на иницијативата на Бориќ со рефлексен страв: пазарната вредност на двете компании што ископуваат чилеански литиум веднаш се намали: акциите на „Ес-Кју-Ем“ (SQM) паднаа за околу десет проценти, а акциите на „Албермарли“ за повеќе од шест проценти.
Загриженост изрази и чилеанскиот бизнис сектор.
„Бевме доста збунети“, ја коментираше изјавата на Бориќ, Рикардо Мевес, лидерот на Конфедерацијата за производство и трговија, здружение кое ја претставува чилеанската бизнис заедница.
Мевес вели дека деловните лидери очекуваат дека ќе има „голема вклученост на приватниот сектор“ во индустријата за литиум, а сега „државата ќе биде таа што ќе ја контролира“ таа индустрија.
Чилеанскиот министер за финансии, Марио Марсел, изјави дека бизнис заедницата нема причина за страв.
Рече дека владиниот план предвидува приватни компании да придонесуваат со капитал, технолошко знаење и искуство, а државата да обезбеди „финансирање“ и истовремено да ги чува еколошките услови на рударството и „односите со домородните народи“ во рударските области.
Сепак, и покрај утешните зборови на министерот, загриженоста се прелеа и на други континенти, па јужнокорејската компанија „СК Он“ (SK On), голем производител на литиумски батерии, која има долгорочен договор за набавка на литиум со чилеанската компанија „Ес-Кју-Ем“, порача дека „ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе одговори со долгорочен увид“.
Во меѓувреме, треба да се напомене дека со овој социјалистички потег Габриел Бориќ ги врати спомените на другиот левичарски претседател на Чиле, Салвадор Аљенде, кој пред точно 50 години беше убиен во проамерикански воен удар, и тоа откако на национализираше индустријата со бакар која ја држеа американски компании, исто како што американската компанија „Албермарли“ сега поседува добар дел од чилеанската литиумска индустрија.
Да потсетиме, Аљенде во 1970 година со неговата изборна победа стана првиот легално избран марксистички водач на една земја на западната хемисфера, и неговата влада веднаш започна со обемни социјални програми за подобрување на положбата на сиромашните слоеви од чилеанското општество.
За да ги финансира овие програми, Аљенде прибегна кон национализација на чилеанското богатство, од банки до рудници за бакар, концентриран во рацете на проамериканската елита и мултинационалните компании.
Во оваа смисла, многумина веруваат дека судбината на Аљенде била запечатена со национализацијата на рудниците за бакар, во сопственост на големите американски корпорации „Кенекот“ (Kennecot) и „Анаконда“ (Anaconda), кои побарале од Белата куќа да интервенира.
Вашингтон не се оглуши на апелите на својот крупен капитал – наскоро Чиле беше потресен од штрајкови, протестни собири, диверзии и саботажи против владата на Аљенде, што во голема мера биле финансирани од САД.
Подоцна беше откриено дека ЦИА инвестирала осум милиони долари во тој период за соборувањето на Аљенде, а во 2001 година тогашниот американски државен секретар Колин Пауел, на прашањето за вмешаноста на ЦИА во соборувањето на Аљенде, призна дека „тоа не е дел од американската историја со кој можеме да се гордееме“.
Откако на изборите во март 1973 година десницата не успеа да го собори Аљенде, кој имаше силна поддршка од чилеанските работници и руралните слоеви, ЦИА го повлече својот последен адут – на 11 септември 1973 година, десничарската воена хунта предводена од генералот Аугусто Пиноче ја бомбардираше претседателската палата „Ла Монеда“, го уби Аљенде и со државен удар ја презеде власта.
Истиот ден, поморското воено аташе на САД во Чиле, Патрик Рајан, испрати депеша до Пентагон: „Нашиот ден ‘Д’ успеа речиси совршено“.
„Црвената фаза“ на Латинска Америка
И остатокот од приказната е добро познат. Пиноче веднаш ја поништи национализацијата на Аљенде, уби илјадници комунисти и остана на власт се до 1990 година.
Со цел да им го „отплати долгот“ на американските сојузници кои му помогнаа да го собори Аљенде и да дојде на власт, во раните 80-ти Вашингтон му дозволи на Чиле да стане првата земја во светот што експериментално инсталираше нов социо-економски модел развиен на Универзитетот во Чикаго, врз основа на целосна приватизација на сè што постои, вклучувајќи ги и социјалните услуги, познат како „неолиберален капитализам“.
Во следните децении, благодарение на овој модел, Чиле стана двоен шампион на Латинска Америка, и во однос на растот на БДП по глава на жител, но и во однос на социјалната нееднаквост во општеството.
Затоа, во 2019 година избувнаа масовни протести низ целата земја со барање за укинување на неолибералниот устав на Пиноче, што во октомври 2020 година конечно беше постигнато на референдум, дури 80 отсто од граѓаните на Чиле гласаа за рушење на тој Устав и тој економски модел.
Токму на крилата на ова антикапиталистичко расположение левичарот Габриел Бориќ победи на изборите во 2021 година и вети „промена на правецот“, што сега го спроведува со оваа најава за национализација на литиумската индустрија.
Надежта дека Бориќ сепак нема да заврши како Аљенде ја подгрејува значајната контекстуална разлика – со тогашната Латинска Америка, со исклучок на Куба, владееја десничарски влади и воени хунти, па Аљенде не можеше да смета на поддршка од неговите соседи.А, денес, ситуацијата е сосема спротивна. Сите седум најмногубројни по население земји во Латинска Америка сега имаат левичарска влада: Бразил, Мексико, Колумбија, Аргентина, Перу, Венецуела и Чиле.
Овие земји сочинуваат над 90 проценти од населението на континентот, а тие се и седумте земји со највисок БДП, па затоа се нарекуваат „латиноамерикански Г7“.
Заедно со старите левичарски бастиони, Куба, Никарагва и Боливија, може да се каже дека Латинска Америка моментално ја доживува својата „црвена фаза“, која може да го заштити Габриел Бориќ од судбината на Салвадор Аљенде. Иако, се разбира, ЦИА никогаш не треба да се потценува.







