„Соединетите Американски Држави се согласуваат со британската и француската проценка дека Иран, со испорака на беспилотни летала на Русија, ја крши резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави денеска портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател.
Во последните неколку недели, Украина пријави низа руски напади во кои се користат беспилотни летала од иранско производство, додека од друга страна, Иран негира дека испорачувал дронови на Русија, а Кремљ не ги коментираше тие наводи.
Со Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН е одобрен нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и шесте сили – Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и САД, кој ги ограничи активностите на Техеран за збогатување со ураниум, што го отежнува Иран да развие нуклеарно оружје, со истовремено укинување на меѓународните санкции.
Според резолуцијата, ембаргото за конвенционално оружје за Иран беше на сила до октомври 2020 година.
И покрај напорите на САД за време на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година, да продолжи ембаргото за оружје, Советот за безбедност тоа го отфрли, отворајќи му го патот за Иран да го обнови извозот на оружје.
Меѓутоа, западните дипломати рекоа дека резолуцијата и понатаму вклучува ограничувања на ракетите и сродните технологии кои траат до октомври 2023 година и вклучуваат извоз и купување на напредни воени системи како што се дронови.
(Фото: АП)







