Претседателот на САД, Доналд Трамп, после средбата во Хелсинки со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека има голема доверба во своите разузнувачи и дека „двете најголеми нуклеарни сили мора да се сложуваат“, додека, пак, Путин истакна дека состанокот со Трамп бил „посодржаен отколку што тој очекувал“.
„Како што реков денеска, а и многу пати претходно, имам голема доверба во своите разузнувачи. Меѓутоа, признавам и дека, за да изградиме посветла иднина, не можеме исклучиво да се фокусираме на минатото – како две нуклеарни сили, мораме добро да се сложуваме“, напиша Трамп на Твитер, со хаштаг „#Хелсинки2018“.
Американскиот претседател, инаку, после самитот во главниот град на Финска, дома се најде на удар на жестоки критики, како од демократските така и од некои републикански конгресмени кои неговите изјави на конференцијата за новинари со Путин ги оценија како „срамотни“ и како „пропуштена прилика да упати силно предупредување во врска со мешањето во избори“.
Истовремено, Путин, во интервју на руската телевизија Канал еден, рече дека неговите сегашни разговори со Трамп биле посодржајни отколку што очекувал и дека се одвивале во „партнерска атмосфера“.
„Немав посебни очекувања затоа што тоа беше наш прв состанок. Во почетокот тоа личеше на некоја врста на загревање како би стасале до поконкретни теми при нашите идни контакти. Меѓутоа, работите тргнаа во друга насока – разговорот беше навистина многу содржаен“, изјави Путин.
Тој наведе дека не одредиле даум за своја идна средба, но дека не е исклучена можноста со американскиот лидер да се сретне на маргините на некој азиски форум или подоцна во Аргентина, на самитот на Г20.







