Индискиот премиер Нарендра Моди предупреди денеска, отварајќи го Светскиот економски форум во Давос, дека неодамнешниот бран на трговски протекционизам, со кој владите поставуваат бариери за слободна трговија меѓу народите, е загрижувачки.
Моди рече дека „силите на протекционизмот ги подигнале главите против глобализацијата“, пренесе агенцијата АП.
Не споменувајќи го директно американскиот претседател Доналд Трамп или САД, Моди истакна дека „решението на оваа загрижувачка ситуација против глобализацијата не е изолација“.
Индискиот премиер го цитираше Махатма Ганди: „Не сакам прозорците на мојата куќа да бидат затворени од сите страни. Сакам ветриштата на културата на сите земји да влезат во мојата куќа со самоувереност и така да излезат“.
Ова е прв пат еден индиски премиер да престојува во Давос од 1997 година, наведе американската агенција.
Светскиот економски форум во швајцарското зимско одморалиште Давос ќе ги собере до 26 јануари светските лидери и политичката и економска елита, во услови на геостратешки поделби на повеќе фронтови, кои имаат далекусежни политички, економски и општествени последици.
Тема на овогодинешниот 48-ми форум е „Изградба на заедничка иднина во поделениот свет“, а 2.500 учесници, меѓу кои 70 шефови на држави и влади, ќе настојуваат да ги дефинираат заедничките акции и мерки за решавање на глобалните проблеми.
Прв пат после две децении најавено е учество на американски претседател. Доналд Трамп би требало да одржи завршен говор на Форумот.
Глобалната економија и геополитичката напнатост, меѓутоа, се најдоа во Давос помалку во втор план, затоа што пред овогодинешниот самит на светските политички и економски лидери искрсна итен проблем – обилен снег се заканува дека ќе го завее собирот.
Многу од 3.000 учесници на самитот минатата ноќ имаа проблеми да дојдат во тој швајцарски зимски центар. Дел од главната железничка линија за Давос преку викендот беше прекриен со снег, заради што многумина мораа да користат автобус, а на хелихоптерите не можеа да се ослонат поради слабата видливост.
Некои од собирите најавени пред официјалниот почеток на самитот морале да бидат откажани, додека првиот бран од гости со багажот се пробивал низ улиците покриени со снег, барајќи ги хотелите, или чекајќи шлеп-служба да ги извлечат нивните заглавени лимузини.
Адријан Монк, шеф на службата за комуникација на Светскиот економски форум, изјави дека, после оние од 1999/2000 година, ова се најверојатно најсилните снежни врнежи за време на одржување на собирот во Давос.
Монк, меѓутоа, вели дека тоа повеќе претставува непријатност отколку вистинска закана за одржување на манифестацијата.
„Знаеме дека снегот е непријатност и дека претставува приличен притисок на градот Давос, како домаќин, но до сега нема никакво откажување на учеството“, рекол тој.
Метеоролозите предвидуваат дека во текот на утрешниот денот време ќе се поправи, па организаторите се надеваат дека и транспортот ќе почне полесно да се одвива без какви било застои до моментот кога во петок таму треба да стигне Доналд Трамп.











