Градската власт предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов ја започна постапката за изградба на нов сообраќаен коридор и мост на реката Вардар што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, со што ќе се обезбедат услови за поефикасен и посигурен сообраќај во Скопје, соопштуваат од СДСМ.
Проектот за пробивање на овој сообраќаен коридор, освен изградба на нов 120 метарски мост преку Вардар во населбата Ќерамидница, предвидува и пробивање нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2170 метри, шест коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди, како и воведување нови автобуски линии на јавниот градски превоз.
Изградбата на новиот сообраќаен коридор е од интерес за граѓаните на Скопје, обезбедува развојна компонента на градот и ќе овозможи побрз и побезбеден сообраќај, стои во соопштението на СДСМ.







