СДСМ денеска повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцираат, ќе обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.
Новата влада, потенцира партијата, посветено ќе се зафати со борба со
криминалот и корупцијата на сите нивоа–без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат.
„Приоритет е прочистување на правосудството, а заедно ќе договориме
и ќе воспоставиме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер.Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе биде извршена темелна ревизија на 5 проценти од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Следува разрешница на сите предмети отворени од Специјалното јавно обвинителство“, наведува СДСМ.
Дополнуваат дека изминатите две и пол години ги создадале сите услови, го донеле Законот за јавно обвинителство, кој гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница.
„Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните“, стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на соопштението го повтори барањето СДСМ да каже со кои партии ќе обезбеди мнознство и кој ќе биде премиер.
„СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим.Наместо СДСМ да ги лаже граѓаните преку бледи и стерилни соопштенија, нека одговори со кои партии ќе обезбеди мнозинство и кој ќе биде премиер. На граѓаните преку глава им е од лагите на СДСМ. Граѓаните на Република Македонија знаат дека СДСМ нема да обезбеди подобра иднина. СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим. Лагите на Заев веќе не поминуваат, прочитани се. Заради тоа што Заев и власта беа фрлени на криминал Македонија секој ден тонеше се повеќе и повеќе. Граѓаните не ги заслужуваат овие погубни политики на СДСМ и Заев. Граѓаните заслужуваат многу подобро“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
По конституирањето на Собранието во вторникот, во тек се преговорите за ново парламентарно мнозинство, но засега нема официјална информација за договор.
По средбата на лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, вчера се сретнаа и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, кои имале конструктивна дискусија и разговарале за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат.
Средба со Ахмети имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изјави дека ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.







