Десет години во секој јавен настап и во секоја изборна програма, ВМРО ДПМНЕ тврдеше дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за решението за спорот со Грција, на референдум.
Сега кога референдумот е извесен, кога е постигнат историски и патриотски договор, Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема став, велат од СДСМ преку соопштение за јавноста.
„Ќе се охрабри ли Христијан Мицкоски да каже за што е неговата ВМРО ДПМНЕ? Прашањето е едноставно, или е за иднина и членство во НАТО и ЕУ или е за изолација? Доколку Мицкоски не ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина, ќе покаже дека лажеле со години и дека всушност се за изолација. Заради амнестија на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се обидува да ја турка Македонија во изолација и неизвесност. Македонија е далеку посилна од антидржавното однесување на Мицкоски и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните и сите прогресивни сили коишто се обединија околу иднината на земјава нема да дозволат Мицкоски да ја втурне Македонија во нова изолација”, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека како одговорна и државотворна партија, СДСМ заедно со сите политички субјекти кои се на страната на иднината, на страната на НАТО и ЕУ, ќе овозможи волјата на граѓаните да биде целосно испочитувана и реализирана.







