Турската војска вчера го претрпе најкрвавиот ден од почетокот на офанзивата против курдските милитанти во северниот дел на Сирија, при што загинале седум војници, пренесоа светските медиуми.
Петмина војници загинале во саботата, кога нивниот тенк бил нападнат во сириската област Африн, по што турскиот премиер, Бинали Јилдирим, рече дека курдските сили за инцидентот „платиле двојно повеќе“. Турските борбени авиони подоцна ги бомбардираа курдските позиции североисточно од Африн.
Турската операција наречана „Маслинова гранка“ започна на 20 јануари со цел да се протера курдската милиција YPG од пограничната област со Сирија. Анкара ја смета YPG за терористичка организација и продолжена рака на Курдистанската работничка партија (PKK), која веќе три децении се бори со турските власти во југоисточниот дел на земјата, барајќи автономија.
Турската армија соопшти дека YPG, која е поддржана од САД, нападнала тенк во Шејк Харуз, североисточно од Африн. Претходно, биле убиени уште двајца турски војници. Со тоа, од почетокот на акцијата Турција има загубено вкупно 14 војници, а тврди дека елиминирала 900 курдски борци, но ова не е потврдено.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во саботата рече дека турските сили успешно напредуваат и дека планот е тие да се насочат точно кон градот Африн на сириска територија.







