По повод 146-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Граѓанската иницијатива за национална, културна и европска интеграција на макдонскиот народ „Не има“ денеска и утре во Прилеп го организира 19. Семакедонски собир. Учествуваат претставници на Македонците од Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Србија и од заедницата во Измир, Турција.
Тие денеска потпишаа декларација со која потсетуваат за нивните права во земјите во кои живеат како малцинство.
Според Илија Богатиноски, в.д. претседател на Граѓанската иницијатива која е организатор на собирот, целта е да се укаже со кои проблеми се соочуваат нашинците во змјите во кои живеат, а декларацијата, усвоена лани, потсетува дека матичната земја има свои обврски кон нив.
„Ја потпишавме декларацијата со која се инсистира на зачувување на историскиот и јазичниот континуитет на Македонците во матичната држава и надвор од нејзините граници и за унапредување на правата на македонското малцинство во соседните земји.
„Ги поздравуваме напорите на сите влади на Балканот, посебно на македонската влада за создавање клима за меѓусебна доверба и соработка за решавање на отворените прашања, но да се води сметка и за правата на макдонското малцинство во соседните земји, посебно за зачувување на националниот идентитет, јазик и култура, рече Богатиноски.
Ангел Митревски од Заедницата на Македонците од Хрватска рече дека таму Македонците уживаат поголем број права.
„Можеме да се изјаснуваме, да го користиме македонскиот јазик, ни се финансираат граѓанските задруги со 100.000 евра годишно, имаме свои претставници и совети, во седум градови има паралелки за изучување на македонскиот јазик и култура, со можност за печатење учебници и граматика, рече Митревски.
Киро Тилев од „ОМО Илинден“ од Бугарија изјави дека остануваат долгогодишните проблеми на Македонците со неможноста за изјаснување.
„Остануваат проблемите и не гледам дека наскоро ќе има решение, пред се за признавањето на македонското малцинство, рече Тилев.
Според Никодим Царкњас од здружението „Виножито“ од Грција, нема никаква промена во нивните барања за признавање како македонско малцинство. Иако ги поздравува средбите и интензивните контакти за решавање на проблемот за името, сепак, бара македонската влада да биде внимателна.
„Македонската влада треба да внимава и да ја проценува искреноста од другата страна. Не знам каков епилог ќе имаат напорите од двете влади. Иако во Грција има професори кои реално гледаат на работите, сепак многу се големи спротивставувањата, смета Царкњас.
Попладнево во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи дебата на тема „Положбата на Македонците во соседните држави“.
Учесниците на собирот утре ќе положат цвеќе и ќе одржат беседа пред бистата на македонскиот револуционер Гоце Делчев пред прилепското основно училиште што го носи неговото име.