Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска дека ракетата во која загинаа две лица во Полска најверојатно не била истрелана од Русија.
Бајден го изјави ова по разговорите со западните лидери поради загриженоста дека конфликтот во Украина може да се прелее и во соседните земји.
НАТО и САД спроведуваат истрага за инцидентот.
Полските власти соопштија дека две лица загинаа во експлозија во областа Хрубешов на истокот на Полска, но без потврда дека станува збор за руски ракети.
Полското Министерство за надворешни работи соопшти дека ракетата паднала врз Пшеводов, село на околу шест километри од границата со Украина.
Русија негираше дека е одговорна за експлозијата, но полскиот претседател, Анджеј Дуда, им рече на новинарите дека „најверојатно се работи за проектил од руско производство“, но дека нема конкретни докази кои би покажале кој ја истрелал ракетата и дека станува збор за „еднократен“ инцидент.







