Петнаесет пратеници кои иницираат промена на изборниот модел со една изборна единица наместо со сегашните шест во најскоро време ќе поднесат закон за измени на Изборното законодавство.
Во законот ќе се имплементира нивното барање за кое имаат поддршка и од владејачката СДСМ.
Петнаесеттемина предлагаат отворените листи што ги иницираат да се воведат од следните локални избори, со еднаква родова застапеност, односно по 50 проценти мажи и жени.
„Иницијативата за една изборна единица останува на барањето за вклучување во преговорите за изборниот модел и законик воопшто. Едногласни сме за поддршката на една изборна единица како модел и согласни сме дека нема да гласаме за Изборниот законик без внесување на овој модел“, изјави Лилјана Поповска од ДОМ, која е меѓу оние што стојат зад иницијативата.
Предлагачите на новиот изборен модел денеска организираа тркалезна маса за промени.
На тркалезната маса учествуваа иницијаторите, претставници на поголемиот дел од малите политички партии и независни пратеници, претставници на канцелариите на ОБСЕ – ОДИХР, Европската комисија, а беа поканети и лидерите на најголемите партии вкулучени во промените на изборното законодавство, од кои присуствуваше само премиерот Зоран Заев.
Тој ги охрабри иницијаторите да го отворат Изборното законодавство најавувајќи поддршка и од неговата матична партија која, како што вели, не е едногласна за ова прашање, но за мнозинството тоа е прифатливо. Прифатлив е изборен модел со една изборна единица, но не се подготвени и за воведување отворени листи кои како и иницијаторите предлагаат да бидат можност на локалните избори во 2021 година, со застапеност од по 50 проценти на жените и мажите на листите.
„Државата е подготвена, подготвена е и Државната изборна комисија и нема законски ниту правни пречки, ако Собранието донесе одлука за промени на изборните модели што значат демократизација. Државата ни е мултиетничка и мултиетничноста е распоредена насекаде низ државата. Затоа мислам дека е дојдено време за разбивање на бипартизмот во македонскиот и албанскиот политички блок. Јас сум за концептот едно општество за сите и мислам дека времето е зрело за да направиме одреден исчекор“, рече Заев.
Една изборна единица, појасни, е посериозен исчекор отколку самите отворени листи, а двете заедно тешко може да се спроведат односно да донесат нова неправда.
Според Заев, со промена на моделот во една изборна единица добива демократијата иако, како што вели, најмногу ќе изгубат највисоко рангираните партии. Факт е, посочи премиерот, дека со сегашниот изборен модел помалите партии губат десетина пратенички места и тие одат на контото претежно на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, а мал дел на ДУИ.
Опцијата за коалициски настап, смета премиерот, секогаш останува и во една изборна единица. Тоа е опција на поголемите и на помалите партии, но сега имате избор – ниту поголемите да велат дека помалите бараат многу, ниту пак помалите партии да се жалат дека не им се дава ништо, а имаат гласови.
„Тоа тешко се мери, но имаме демократска опција и секој може да избере дали да се оди заедно или да се оди сам на избори“, укажа Заев на тркалезната маса.
Потенцирајќи дека се многу значајни легитимитетот и тежината на избраните пратеници, премиерот оцени дека сегашниот модел е ризик за создавање автократско однесување во државата.
Тој се надева дека останатите политички партии ќе ја следат определбата на мнозинството во СДСМ за една изборна единица. Во тој контекст апелираше албанските политички партии да не се откажат од своите традиционални гласачи во велешкиот, струмичкиот и во другите региони, не само од албанското, туку и од македонското гласачко тело.
„Еве можност за убав мегдан, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се измерат меѓу себе. Да го направиме чекорот“
Дел од учесниците на тркалезната маса потенцираа дека еден изборен модел е корисен за демократијата и за реално отсликување на волјата на сите граѓани за нивни претставници во законодавниот дом, а дел забалежаа дека нема доволно време за измени на Изборното законодавство и препорачаа промените да важат од наредните избори.
Според пратеникот Ферих Мухиќ, кој е еден од подносителите на иницијативата, два милиона луѓе многу подобро би можеле да ја изразат својата волја преку еден изборен модел.
ДОМ, како што посочи претседателката Маја Морачанин, смета дека со еден изборен модел ќе има подобро претставување на граѓаните во Парламентот. Во партијата сметаат дека ќе нема потреба од големи предизборни коалиции, а дека изборот на пратениците нема да биде воден од најтесното партиско раководство, туку од граѓаните.
„Сегашниот модел треба да се измени, ја гуши демократијата, бидејќи ги фаворизира само ‘големите’“, забележа Дритон Сулејмани од Алтернатива.
Даниела Рангелова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, бара веднаш да се отвори Изборниот законик и да се одлучува во Собранието, доколку, дебатата не е само фарса.
„Граѓаните се изморија од двопартискиот систем“, забележа Рангелова.







