Три области во Нов Зеланд прогласија вонредна состојба поради циклонот Гита, кој ѝ се приближува на земјата.
Гита до скоро беше во категоријата тропски циклони и иако сега е ослабена, сепак, се очекува да предизвика штети во Нов Зеланд, објавија светските медиуми. Поради тоа затворени се десетина училишта, додека Јужниот Остров се подготвува за ветрови од 150 километри на час.
Националната авиокомпанија ги откажала сите планирани летови од и кон главниот град, а жителите се известени да се подготват за силните ветрови.
„Бурата со сета нејзина сила ќе ја почувствуваме во текот на ноќта и утре наутро“, рече градоначалничката на Крајстчрч, Лиен Далзил. Таа на локалните жители им порачала дека се очекуваат и поплави и сите да бидат подготвени за евакуација.







